Во последниве децении, унгарските фармери претрпеа многу штети од климатските промени а најмногу од врнежите од град. Многу често, преговорите со осигурителните компании за штетите им беа неуспешни. Владата им излегла во пресрет за да го надминат овој најголем проблем во последните години. Директорот на “Меѓународни односи и трговија” во унгарската земјоделска комора, Бела Кочи, раскажува како се решил деценискиот проблем кај земјоделците.
-Во соработка со Владата успеавме да изградиме систем кој ја покрива целата територија на земјата, истакна Бела Кочи, за време на Осмиот национален агросеминар на Националната асоцијација на зрнопроизводителите (НАЗ).
Кочи раскажа за уникатниот систем кој се применува во Унгарија и кој во моментот нема конкуренција.
“Ние имаме копнени генератори кои се наоѓаат низ целата земја. Тие испаруваат сребро јодид нагоре во атмосферата, и со тоа ги спречуваат водните капки да формираат кристали, односно дождот да премине во град. Кога ќе добиеме сигнал од метеоролошката служба, можеме да го активираме системот и да го спречиме градот “, објаснува Кочи.
Така, сите 5 346 000 хектари обработливо земјиште во земјата се заштитени од една од најголемите непријатели за земјоделците, а дополнителната корист е и избегнувањето на негативните емоции поврзани со комуникацијата со осигурителните копании во Унгарија.
Иновацијата е финансирана од националната даночна канцеларија на Унгарија.
Постојат и други земји кои го користат сребрениот јодид против градот, но тоа е преку ракетен систем кој го стартуваат во атмосферата. Овој метод го користат земјоделците во Бугарија, со противградна заштита на земјоделското производство во областите Видин, Монтана, Враца, Плевен, Пазарџик, Пловдив, Стара Загора и Сливен на површина над 17 милиони декари.
Во почетокот на активната сезона оваа година, Агенцијата во Бугарија располагала со 8 608 противградни ракети, од кои 3 608 останале од претходната година, а 5 000 биле доставени во април, истакна владината прес служба.
М-р Билјана Петровиќ за Современо Земјоделство