Според најавите од МЗШВ наскоро се очекува да се објави за прв пат Програмата за финансирање на земјоделските производители на храна преку која можете да добиете неповратни 10.000 евра од државата.
Во продолжение ве информираме за условите кои треба да се исполнат и за документацијата која треба да се обезбеди.
ЦЕЛ НА ПРОГРАМАТА
Доделување неповратна финансиска поддршка до 600.000 денари за инвестиции во опрема и основни средства и услуги кои имаат за цел:
- Остварување на додадена вредност на примарното производство
- Развој на производи со традиционални карактеристики
- Зголемување на конкурентноста и развој на семејни бизниси од областа на производство на храна
ВИСИНА НА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА
Финансиската поддршка е во форма на 100% неповратен грант во износ до 600.000 ден. по барател за следните намени и активности:
- 90% трошоци за набавка на опрема за производство на храна (доработка или преработка на примарни земјоделски производи)
- 10% трошоци за ангажирање на стручно лице (технолог за производство на храна)
НАЧИН НА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ФИНАНСИСКАТА ПОДДРШКА
Принцип „Прв дојден, прв услужен“ – сите баратели кои ги исполнуваат условите за доделување на финансиската поддршка согласно оваа програма и имаат уредна и комплетна документација ќе бидат подредени согласно рокот на доставување на комплетно барање од страна на Комисијата.
Конечната одлука за распределба на средствата ја донесува министерот со Решение на предлог на Комисијата, а врз основа на листата на баратели.
За изготвување на апликации за грант до 10.000 евра можете да ни пишете на e-mail адреса info@sovremenozemjodelstvo.mk или да нè контактирате: 075/619-032
КОЈ МОЖЕ ДА АПЛИЦИРА
✔️ Земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ, кои се регистрирани или евидентирани како оператори со храна од животинско или неживотинско потекло.
Еден корисник може да поднесе само едно барање за доделување на финансиска поддршка.
❌ НАПОМЕНА: За финансиска поддршка во рамки на овој јавен повик не можат да аплицираат:
- Пчелари, односно субјекти кои се регистрирани со пчелни семејства во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ и регистрирани како производители на мед и производи од мед во АХВ
- Производители на вино регистрирани во МЗШВ
- Производители на пиво и жестоки алкохолни пијалаци регистрирани во Царинската управа
ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Кон барањето за финансиска поддршка, барателот треба да ги достави следните документи:
1. За физички лица:
– копија од важечка лична карта;
– легитимација за регистарски број на одгледувалиште (РБО) издаден од Агенцијата за храна и ветеринарство (доколку се работи за животинско производство);
– изјава заверена на нотар дека не користел средства од други извори за иста намена и активности наведени во барањето што би значело двојно финансирање на истите намени и активности од различни извори;
– доказ од Управа за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки;
– деловен план;
– понуда/профактура за планираната опрема (минимум три понуди од различни понудувачи за истиот тип на наведени планирани трошоци во деловниот план); и
– договор за користење на услуги од стручни лица (доколку барателот предвидува користење на таква услуга).
2. За правни лица:
– тековна состојба од Централен регистар на Република Северна Македонија;
– изјава заверена на нотар дека не користел средства од други извори за иста намена и активности наведени во барањето што би значело двојно финансирање на истите намени и активности од различни извори;
– доказ од Централен регистар на Република Северна Македонија дека не е поведена стечајна и ликвидациона постапка;
– доказ од Управа за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки;
– деловен план;
– понуда/профактура за планираната опрема (минимум три понуди од различни понудувачи за истиот тип на наведени планирани трошоци во деловниот план); и
– договор за користење на услуги од стручни лица (доколку барателот предвидува користење на таква услуга), освен во случај кога правното лице има вработен технолог.
Барањето за доделување на финансиската поддршка согласно оваа програма може да се обезбеди преку веб-страницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство: www.mzsv.gov.mk
Барањето се доставува во еден оригинален примерок во писмена форма заверен и потпишан од страна на барателот.