Николовски: Утре ќе се знаат мерките за оризот, се размислува за интервентно делување

Вести

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски утре ќе соопшти какви мерки ќе се преземат во однос на барањата на оризарите кои денеска го блокираа магистралниот пат Штип – Кочани.

Се размислува, нагласи, за интервентно делување, а веќе се прават и проценки колку од оризот се уште не е откупен по што ќе се изнесе и конкретен предлог за дополнителна поддршка.

Николовски напомена дека досега оваа Влада за 300 отсто ги зголеми субвенциите за производството на ориз. Укажа и на одредени злоупотреби кои му ги посочиле производителите на ориз за време на средбата во Кочани, но тие допрва, како што рече, ќе се анализираат и испитуваат.

Тој потсети дека неговата прва средба откако се врати на фунцкијата беше токму во Кочани, со оризопроизводителите, но на неа не дошол градоначалникот иако бил повикан.

– Со производителите имавме конструктивна дебата, беа изнесени низа предлози и идеи. Разговаравме за можностите за интервентни мерки. Ги знаеме пробемите, ги слушнавме на терен, на лице место. Правиме анализи колку ориз е се уште неоткупен, по што ќе излеземе со конкретен предлог за дополнителна поддршка. Секако дека во рамки на Програмата и расположливите средства, ќе реагираме. Не е лесно кога треба да се обезбедат пет или 10 милиони евра пари на граѓаните. Во Кочани бев информиран дека има и одредени злоупотреби, вклучување на трговците, на разни трети страни и големи средства се излеани по тој основ. Очекувам испитувања на сите овие информации кои производителите ги доставуваат до нас, рече Николовски.

Осврнувајќи се на субвенциите, потенцира дека едно време тие изнесувале 6.000 денари за хектар, по што оваа Влада ги зголемила на 18.000, а оние од 12.000 на 25.000, па дури и на 30.000 за хектар што е 300 проценти.

-За 300 проценти се зголемени субвенциите токму за да го заштитиме „белото злато“ и да ги поддржиме производителите. Ја воведовме и „зелената нафта“, а некоку илјади оризопроизводители се корисници на оваа мерка. Годинава, еве, го зголемуваме и тој износ, а носевме постојано и интервенти мерки, по пет денари во 2018 и 2019 година, неодамна имаше и мерка – три денари која важеше за оризот од 2019 и 2020 година и заврши на 25 декември 2021, подвлече Николовски.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *