ЈП „Стрежево“-Битола, јавно претпријатие кое стопанисува со истоимената акумулација, ги утврди правилата за рекреативен риболов на рекреативната зона „Акумулација Стрежево“. Дозволи за рекреативен риболов ќе се издаваат од 15 февруари, а риболовната сезона ќе почне на 1 март.
Од ЈП „Стрежево“ – Битола информираат дека рекреативниот риболов во акумулацијата и оваа година ќе се одвива плански, а тоа значи заштита на одредени видови риби за чие ловење има трајна забрана или пак ограничен број на примероци уловени риби во риболовен ден.
-Трајна забрана за риболовење има за рибите лињак и златен карас, до 31. март не смее да се лови штука, а риболовците на време ги известуваме за времената забрана за ловење на костреш, клен, крап и сом што ја посочуваме во текот на годината. Секој риболовец во еден ден може да улови најмногу 3 пастрмки, 20 риби црвеноперка, 15 риби од видот костреш, 1 сом или една јагула. Правилникот и други насоки за рекреативен риболов, вклучувајќи и меѓусебна заштита на риболовците од КОВИД-19 мора строго да се почитуваат, нагласуваат од ЈП „Стрежево“-Битола.
Во пресрет на риболовната сезона утврдена е висината на надоместоците за рекреативен риболов кои се движат од 150 денари за дневен, до 1.000 денари за целогодишен рекреативен риболов на акумулацијата Стрежево.