Ванчо Ристов, најуспешен лозар за 2021 година: „Добра работа е да има сѐ повеќе мали семејни винарии“

Вести

Ванчо Ристов од Неготино, кој од Земјоделското здружение „Современо земјоделство“ на манифестацијата „Избор на најуспешни во областа на земјоделството“ доби признание за најуспешен лозар, повеќе од 40 години се занимава со лозарство. Од половина хектар старо лозје на неговите родители, Ванчо стигнал до денешните 4 хектари лозови насади.

„Имавме половина хектар старо лозје, го ископачивме, јас имав голем мерак да насадам нови насади. Малку по малку, на крајот стигнавме до 4 хектари“, вели Ванчо.

Ванчо на своето лозје ги одгледува сортите шартоне, совињон бланк, околу 6 декари темјаника, потоа пино ноар, мерлот, каберне и вранец. Од режење на лозјето, па сѐ до добивање на финалниот производ, Ванчо, неговата сопруга и нивниот син сѐ работат сами со нивна механизација.

Единствен проблем за Ванчо понекогаш претставува проблемот со водата.

„Треба да се обрне внимание на водата за наводнување, каналите се веќе стари, дотраени, кога има вода, кога нема, проблемот е само тоа, инаку сега засега работите одат добро“, ни рече Ванчо.

Веќе осум години има регистрирано мини винарија и годишно произведува 20.000 шишиња, односно 15.000 литри вино.

„Бидејќи овој наш крај има голем проблем со откупот на грозјето, добра работа е да има сѐ повеќе мали семејни винарии.“

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *