(ВИДЕО) Марјан Ангелов: Почнавме од нула, на овој рид извадивме вода и втора година успешно произведуваме органска пиперка

Вести

Марјан и Фросина Ангелови од Лозово, втора година се дел од проектот „Договорно производство на органска пиперка“ во организација на Агротим.

Нивното искуство, минатата година, од потпишување на договор, до предавање на пиперката е најдобриот доказ за успешноста на проектот и мотивација за сите други земјоделци.

Марјан вели, прв пат оваа година произведува пиперки, на површина за која никој не верувал дека ќе успее, без услови за наводнување и познавање за органско производство.

Но решен да успее, најнапред инвестирал во бунар, бидејќи без вода не може да се очекува производство, а во тоа му помогнала компанијата „Тргопродукт“ со која склучи договор за откуп на пиперката, преку авансирање на производството, во обезбедување на систем за наводнување и ѓубриво. Што се однесува до агротехничките мерки, од набавка на семе до прихрана и заштита, во соработка со советничката за органско производство Ангела Ѓеровска успеале да произведат 3-4 тони од декар.

За неговото искуство, проблемите, очекувањата, вложувањето и заработката погледнете во видеото.

Проектот Договорно производство на органска пиперка ајварка на иницијатива на Агротим, а во соработка со преработувачки капацитети, советници за органско производство и земјоделски производители од неколку региони, продолжи и во 2022 година.

За таа цел, во месец март, во дворот на семејната куќа во Лозово, најнапред ги подготвија леите, следуваше сеидбата на семето и производството на расад.

Минатата година имале лошо искуство со неквалитетен расад, затоа годинава најголемиот дел од расадот го набавија од друг искусен земјоделец за производство на расад, за да бидат сигурни во производството и висината на родот.

Сепак, велат дека успешно го совладале и овој дел од производството на органски пипер.

 

Расадот бил во одлична кондиција што се гледа и сега одлично напредува.

-Од годинешната реколта сме моментално задоволни, значи работиме во полн ек, пиперот напредува и е во добра фаза. Малку временските услови, тоа што се поголеми температурите пречат на цветот и на пиперката, но се справуваме и со тоа со повеќе вода и моментално е одличен, изјави Марјан летово, во текот на производството на пиперката.

Сезоната 2022 заврши, Марјан вели дека е задоволен од учеството во Проектот „Договорно производство на органска пиперка“, само жали што годинава родот не бил според очекувањатата поради лошите временски услови.

– Одлично напредуваше пиперот, ги извршивме сите потребни агротехнички мерки, но времето не не беше на наша страна. Сепак извадивме максимум од ситуацијата, имавме неколку берби и предадовме пипер во преработувачки капацитет. Најмногу ме радува тоа што ова е втора година со органски пипер во преод и за следната година веќе ќе имаме сертификат за органски производ. Благодарни сме на Агротим, советничката Ѓеровска и на преработувачите кои се вклучија во проектот. Морам само да кажам дека од нив очекувавме повеќе, но оваа година, дали поради немањето пласман на готовите производи, немаше голем интерес од нивна страна. Мислам дека тука треба повеќе заеднички да делуваме, да ги убедиме да се вклучат во овој проект и да имаат сигурна домашна суровина – изјави Ангелов.

Активноста се спроведува со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – И.М.Е Програма.

Дел од нашите активности, освен следење на производството од страна на советници на терен, медиумска поддршка и логистика во изнаоѓање на откупувачи на пиперката, беа и средбите што ги правевме со земјоделците од сите региони.

Искуството на Марјан Ангелов го пренесовме на дел од земјоделците во Лозово кои ги информиравме за начинот како се произведува, мерките, висината на субвенциите, начинот како се доаѓа до сертификат за органско производство, до можноста од поголемо здружување на земјоделците од тој регион за да имаат поголемо производство.

Очекуваме дека овој проект ќе продолжи и следната година, земјоделците само треба да покажат заедништво и желба за успех. Тука сме со Агротим да им помогнеме со совети, логистика и правилна информација.

Само заедно сите можеме да покажеме резултати и успех.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *