(ВИДЕО) Заев: Секоја педа обработливо земјиште ја ставаме во функција на ресурс за економски развој, а земјоделецот добива повеќе, ништо не губи

Вести

Претседателот на Владата Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија посочи на придобивките за економијата и за земјоделците од Законот за земјоделско земјиште.

„Со новиот Закон дефинитивно ние го штитиме земјоделското земјиште од секаков вид на недоречености или злоупотреби евентуални при управувањето на администрацијата со менаџментот на земјоделското земјиште. Ниту еден земјоделец нема да изгуби земјоделско земјиште кое што го користи од државата. Ако сака да го купи, ќе може да го купи, ако не сака да го купи  може да продолжи да го користи на концесија. Не може државата да му наметне како сака, не може да биде на друг дадено, заради што е кај него на користење. Со овој Закон му даваме можност за развој на земјоделството, затоа што нема банка, на индивидуален земјоделец или на правен субјект, да му даде соодветно кредитно покритие за развој на самите земјоделски површини или земјоделско производство. Затоа денеска сè уште е неокрупнето земјоделското земјиште во државата. Затоа нашиот земјоделец работи на еден декар и прави ненормално повисоки трошоци отколку што прави земјоделецот дури и во соседните земји, да не зборувам во Шпанија, Турција, Италија… Самите наши соселани, граѓани се трудат од тоа што го земат, од субвенции, нешто што ќе извадат, да вложат. Но, не можат да купат трактори и големи механизации, не можат да купат нови механизми, системи за унапредување на продуктивноста по хектар, не можат да се осовременуваат и усовршуваат и да бидат конкурентни за тоа што го работат. Целата е, кога произведува домат, жито, јаболко, тутун, грозје, зелка, лубеница, што било, да постигне конкурента цена на чинење со цените со коишто се натпреваруваме на меѓународните пазари. Ако кај нас чини земјоделското производство, не знам, за производство на килограм домат 20 денари, во Турција, во Италија, во Шпанија чини 12 денари или 20 центи – и ние не можеме да оставиме вака да бидеме, на крајот на опашката во оваа глобална конкуренција на пазарите на коишто ги продаваме нашите призводи“, објасни премиерот Заев.

Тој рече дека во државата има расположливи 240 илјади хектари, а во функција се само 130 илјади хектари земјоделско земјиште, дека земјиштето е запуштено, необработено, неискористено. Премиерот Заев посочи дека Законот за продажба на земјоделско земјиште е донесен 2013 година, од претходната власт, но дека не е ставен во функција заради тоа што немало решение кој може да го купи и на кој начин закупецот кој долги години го користел би бил оштетен и како тоа би било надоместено, односно давал општа несигурност за самите земјоделци, што со новиот Закон за земјоделско земјиште сега се решава во полза на земјоделците и економијата.

„Земјоделско земјиште треба да го ставиме во функција на развој, затоа што тоа е наш потенцијал, ние немаме море, нафта, гас или слично, за да ги развиваме нашите економски потенцијали. Со новиот Закон ќе се овозможи секоја педа обработлива државно земјоделско земјиште да биде во функција, а тоа е најголемата цел на овој Закон, да го ставиме овој драгоцен ресурс максимално во функција“, порача премиерот Заев.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *