Викендов почнува летното сметање на времето

Вести

Летното сметање на времето ќе почне во недела, на 28 март во 2 часот наутро, со тоа што часовникот ќе се помести еден час напред на 3 часот.

Преминувањето од зимско на летно сметање на времето е воведено со образложение дека се „продолжува“ денот, се овозможува заштеда на електрична енергија, се зголемува продуктивноста на работната сила, се подобрува прилагодувањето на луѓето и работниот ден станува поефикасен.

Летното сметање на времето завршува во последната недела во октомври кога во три часот наутро стрелките на часовникот ќе се поместат за еден час наназад.

Европскиот парламент уште пред 2 години го поддржа предлогот за укинување на задолжителното поместување на часовникот за еден час во земјите од Европската Унија. Ова ќе стапи на сила оваа година, кога секоја членка ќе може да избере дали постојано ќе остане на летно или на зимско сметање на времето. Тоа значи дека за некои земји кои планираат да останат на летно сметање на времето, ова ќе биде последното поместување на стрелките на часовникот.

Во поранешна СФРЈугославија, а со тоа и во Македонија, летното сметање на времето првпат е воведено на 27 март 1983 година.
Првпат преминување од зимско на летно сметање на времето и обратно е забележано во 1916 година во државите на Северна Европа, додека во Западна Европа е воведено на почетокот на 70-тите години на минатиот век.

Во државите кои се во близина на екваторот денот и ноќта траат главно еднакво така што со поместувањето на стрелките на часовникот не се добива ништо. И во поларните предели денот и ноќта траат со месеци, па поместувањето на времето не дава никакви резултати.

Во Соединетите Американски Држави летното сметање на времето не се применува во Аризона и Хаваи, а во Европа не се применува во Исланд.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *