Во 2023 година ќе се формира Осигурител пул, а веќе од 2024 треба да почне да функционира задолжителното земјоделско осигурување

Вести

Од 2024 година се планира примена на Законот за задолжително земјоделско осигурување. Но, во меѓувреме се очекува одобрување на проект за климатски промени со кој ќе им се овозможи на земјоделците бесплатно да се осигураат.

Законот за земјоделско осигурување е доставен во Владата, откако на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР беше поставен за широка дебата. Ова е многу важен закон, со оглед на сè поголемите климатски промени кои носат големи ризици во земјоделството. Затоа, и на терен, меѓу самите земјоделци, продолжуваат дебатите за законското решение.

Александар Мусалевски, раководител на Секторот за анализа на земјоделските политики во Министерството за земјоделство вели дека се очекува негова примена од 2024 година, а она што е особено интересен факт е дека првите две – три години, благодарение на европските проекти за справување со климатските промени, земјоделците ќе имаат бесплатно осигурување. На овој проект наскоро треба да се стави потпис и да се обелоденат деталите.

– Очекуваме од Владата набргу да даде зелено светло за Законот, а потоа тој се упатува во собраниска процедура. Според планот, на почетокот од 2023 година треба да се формира посебно тело, ние го нарековме Осигурителен пул. Потоа, треба да се ангажираат луѓе, да се изготват тарифи – полиси за осигурување во земјоделството и да се направи соодветен ИТ систем. Значи, 2023 година ни е година на градење на системот, а веќе од 2024 година треба да почне да функционира задолжителното земјоделско осигурување. Тоа ќе биде врзано за субвенционирањето. Така, сите што ќе аплицираат за субвенции ќе мора да бидат и осигурени – вели во изјава за „Слободен печат“ Мусалевски.

Законот за задолжително земјоделско осигурување предвидува земјоделците задолжително да платат најмалку 20 отсто од премијата за осигурување, а 20 проценти ќе им плати државата, додека за останатите 60 проценти останува волјата на земјоделците. Но, она што особено ќе биде важно е висината на премиите кои се очекува да бидат пониски од сегашните.

– Ќе се намалат значајно тарифите поради дисперзија на ризикот, затоа што тогаш нема да бидат осигурани само 2.800 земјоделци – вели Мусалевски.

Тој вели дека и проценителите на штети нема да бидат од осигурителните компании, како што е сега, туку тие ќе бидат под телотото Осигурителен пул и за тоа ќе имаат овластувања. Ова е важно, нагласува Мусалевски, поради објективноста на проценките на штетите.

– Важно е и што исплатата за настаната штета ќе биде извршена во текот на истата година кога е настаната штетата – потенцира Мусалевски.

Тој вели дека сме први во регионот кои градат ваков систем на осигурување на земјоделството како одговор на нагласените климатски промени, но дека за него веќе размислуваат и други земји од нашето опкружување. Инаку, ваков систем веќе имаат воспоставено Турција, Швајцарија и Шпанија.

Мала искористеност на сегашната можност – субвенција од државата

За наредната година останува можноста што постои веќе цела деценија, а тоа е државно субвенционирање во висина од 60 проценти на полисите за осигурување во земјоделството.

– Оваа мерка долго постои, но не дава резултати. Годишно се осигуруваат од 2.500 до 3.000 земјоделци од вкупно 88.000 регистрирани земјоделци – вели Мусалевски.

Од друга страна, потсетува тој, државата врши обесшететување во случај на непогода, така што дополнително се демотивираат земјоделците да се осигураат. Но, како што забележува, владината комисија за процена на штети, најчесто обесштетува само 10 отсто од настанатата штета.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *