Bо Кратово дегустација на традиционални Кратовски гастрономски специјалитети

Вести

Традиционални јадења од Осоговскиот регион, к´цана сол од Шлегово, Кратовско, џем, слатко од смокви и сливи, пинџур, лутеница, нежиловски компир и жолто сирење се само дел од автентичните специјалитети од Кратовскиот крај кои беа презентирани на вчерашниот настан за промоција на гастрономските специјалитети во Кратово.

Настанот се одржа во Етно куќа „Шамчева“, а поканети беа бројни тур-оператори, туристички работници и бизнисмени од регионот и пошироко.

-Сите гости ќе можат да вкусат разновидна храна и пијалоци со кои ќе покажеме дека туристичката понуда на Кратовскиот крај, покрај кулите и мостовите, како и Камените кукли, може да се надополни и збогати и со преубави специјалитети приготвени од искусни домаќинки, стари баби, но и млади готвачи, информира Стевче Донески, еден од организаторите, кој ја најави богатата трпеза за секој посетител.

Тој посочи дека, менито вклучуваше домашен р’жан леб, лепче-„пета“, нежиловски компир, шлеговски кромид и туршија, жолто сирење, козјо сирење, овчо сирење и ложено овчо месо, мед, џемови, мантии, баница и зелник, сите приготвени на традиционален начин. Десертот беше Кратовски арм’к, како и кралицата на зачините , „кцана сол“ од семејство Донески, рецепт стар околу 250 години.

Покрај традиционална храна, трпезата беше надополнета со домашно вино и ракија од Кратовско поднебје.

Настанот се одржува под мотото „Верни на традицијата-горди на историјата на Кратово“ со гастрономската софра, која има за цел да ја промовира органската храна и производство со цел привлекување на што поголем број туристи во овој крај на Македонија.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *