Во Прилеп почна распределбата на картичките за „зелената нафта“, земјоделците се справуваат со сушата

Вести

Од денеска за 2.000 земјоделци во Прилепско почна распределбата на картичките за „зелена нафта“.

Раководителот на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, Зоран Пачешкоски, информира дека производителите може секој работен ден да дојдат и да си ги подигнат картичките.

-Од денеска околу 2 000 земјоделци од општините Прилеп и Долнени може да си ги подигнат картичките за „зелена нафта“ од подрачната единица на министерството за земјоделство во Прилеп. Оваа година, на земјоделците им се покриваат 50 насто од трошоците за нафта, рече Пачешкоски.

Земјоделците се надеваат дека „зелената нафта“ и субвенциите, како и очекувањата на повисоки цени, можеби колку-толку ќе ја спасат годинава. Сушата, велат, го зема данокот, најмногу кај житните култури и сончогледот чиј род ќе биде преполовен.

„Обработувам околу 100 хектари, поголемиот дел со пченица сончоглед и пченка. Оваа година сушата доста влијае на производството. Голема благодарност до министерството за земјоделство што во овие тешки моменти ни помагаат со „зелената нафта“. Производството е намалено на дел од културите и до 50 насто. Најмногу на сончогледот. Ќе видиме каква ќе биде цената, но ќе има загуба. Нешто ќе покриеме со субвенциите, барем да дојдеме на нула. А и есенските работи ќе доцнат – вели земјоделецот Драшко Кузманоски.

-Сушата го направи своето. Сега очекуваме, најавено е нешто од фабриката „Благој Ѓорев“ да има повисока цена на сончогледот, па се надеваме нешто да покриеме – изјави Беџет Исламоски земјоделец од Долненско.

МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *