Во тек е расадувањето на тутунот од новата реколта, тутунарите бараат повисоки цени за 20 отсто

Вести

Во тек е расадувањето на тутунот од новата реколта, тутунарите бараат повисоки цени за 20 отсто

Откупните компании во земјава да ги зголемат цените на тутунот за 20 отсто, бараат од Сојузот на тутунските здруженија на Македонија на почетокот од новата реколта тутун и потпишувањето на новите договори.

Според Кире Неделковски, претседател на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија, досега се засадени 70 отсто од површините со тутун во земјава. Временските услови во реони помогаа, но во други поради невреме и град дел од тутунскиот расад беше уништен или прерастен.

Тутунари прес

– За оваа реколта се издадени 23.432 евидентни листа, а пријавени се 14.669 хектари да бидат засадени со тутун. Според ова, треба да се склучат 34.105 договори со откупните компании во земјава, а откупните фирми пријавија за проиводство на 28 илјади тони тутун колку што очекуваат да биде тешка оваа реколта. Но, реално, во споредба со лани нема зголемување на тутунопроизводството, се очекуваат преку 23.000 тони тутун, главно поради временските услови, зашто ако вака продолжи сезоната, ќе има и намалување, вели Неделковски.

Деновиве, додава, невреме ги зафати Долненско и општина Новаци, па може да се намалат количествата. Освен тоа, младите не сакаат да произведуваат тутун.

– Она што го бараме е намалување на разликата помеѓу цените на класите. Конкретно, бараме зголемување од 10 отсто за прва, 30 отсто за втора и 20 отстотно зголемување на цената на третата класа. Ги повикуваме откупувачите да ги зголемат цените барем за 20 отсто доколку сакаат тутунопроизводството да опстане, нагласува Неделкоски.

За Данчо Милески од Сојузот, главно, откупувачите во земјава се согласуваат на зголемување на цените преку анекси на договорот.

– Откупувачите начелно прифаќаат зголемување на цената за 20 отсто и дека ќе се регулира со анекс договори. Затоа се уште не се склучени договорите. Со оглед на тоа дека Владата ги зголеми субвенциите, тогаш цените треба да ги зголемат и откупувачите на кои им е потребен ориенталниот ароматичен тутун од Македонија, потенцира тој.

Во соседните земји, посочува, главно се одгледува крупнолисен тутун и производството е намалено.

– На фабрикацијата на Балканот и се потребни 120 илјади тони кои во моментов ги нема и затоа ние очекуваме повисоки откупни цени. Нашите укажувања се дека тутунот не е социјална, туку економска категорија која обезбедува добивка, а и девизен прилив, објаснува Милески.

Новините во законот за тутун се што од в година нема да се бараат евидентни листови, туку тутунарите директно ќе се договараат со откупувачите.

– Цените да бидат познати пред да почне реколтата, за да нема манипулации како што прават досега откупните компании. Освен тоа, прифатено е откупот да почнува од 15 ноември и да заврши крајно до 25 февруари, посочи Милески.

Во земјава од тутунопроизводство егзистираат преку 24.000 семејства. Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека при крај е исплатата на субвенциите за ланската реколта кои се зголемени, одосно, за прва класа е 80, за втора 70, а за трета и за другите класи по 60 денари за откупен килограм тутун.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *