Водите на Дебарско Езеро збогатени со 500 кг подмладок на крап

Вести

Во водите на Дебарско Езеро, кај градската плажа, вчера беа пуштени 500 килограми подмладок на крап, набавени од мрестилштето „МИА – Екофиш“ од село Бразда, Чучер Сандево.

– Пуштивме 500 килограми подмладок на крап, од вкупно 1.500 килограми што ќе бидат пуштени набрзо. Количините подмладок ги обезбедивме со средствата донирани од дебарски стопанственици и општините Дебар и Центар Жупа. Наша цел е збогатување на рибниот фонд на езерото – изјави Дритан Боцку, претседател на СРД „Трофта“, концесионер на езерото.

Ова е втора ваква активност на друштвото кое на 11 овој месец ја реализира првата акција на порибување за годинава.

Тогаш водите на река Радика и езерските води беа збогатени со по 25 килограми подмладок на пастрмка, а дополнително езерото и со 100 килограми подмладок на крап.

За набавката на подмладокот на пастрмка средствата беа обезбедени од платена членарина за 2020 година, додека пак за подмладокот на крап од прибраните средства од „Дебар крап куп 202“ што на Дебарско Езеро се одржа во октомври минатата година.

Во средината на ноември во езерските води беа пуштени 405 килограми крап, акција реализирана благодарение на Министертвото за земјоделство, шумарство и водостопанство – сектор рибарство.

– Апелирам до сите за поголема грижа за зачувување на оваа убавина со која располага нашиот крај. Во оваа прилика сакам да упатам јавно барање до ХЕ „Шпилје“ да внимава во одржувањето на нивото на езерото поради мрестот на рибите – апелираше тој.

Деновиве двапати беше регистрирано загадување на езерото, кај месноста „Венец“ со излевање на мазут и кај месноста Мелнички Мост каде што беше истурена поголема количина на црна леплива материја што наликува на битумен.

Извор: МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *