Вратен во функција експлоатацискиот бунар за топла вода од системот „Геотерма“ во Кочани

Вести

По неколкугодишен застој во работењето, вработените во комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани го вратија во функција бунарот за црпење топла вода од системот за експлоатација и реинјектирање на „Геотерма“. Спуштена е наменска потопна пумпа со јачина од 77 киловати, со што бунарот повторно ја вади топлата вода од геотермалното лежиште Подлог-Бања во Кочани.

За набавка на новата пумпа за експлотацискиот бунар инвестирани се над 5,7 милиони денари, што КЈП „Водовод“ ги обезбеди од сопствената сметка.

– Во моментот статичкото ниво на водата во бунарот изнесува 71,5 метри. Меѓутоа, поради падот на статичкото ниво на аквиферот и големото динамичко ниво на тој бунар, што изнесува 24 метри, новата пумпа е спуштена на длабочина од 110 метри. Со тоа се овозможува експлотација на 350 илјади кубни метри вода на годишно ниво со температура од 72 степени Целзиусови, истакна Андреј Киров, директор на „Водовод“.

Со изградбата на системот за експлоатација и реинјектирање во 2008 година се изведе топлоизменувачка конструкција со енергетска трансформација на геотермалната вода.. Еден кубен метар кубен топла вода заменува 5,4 кг мазут, што е значајна енергетска заштеда со целосен еколошки ефект, а се обезбедува и санација и баланс на геотермалниот потенцијал на самото лежиште.

Геотермалните води од системот „Геотерма“ во Кочани се користат за загревање на три јавни објекти, на оранжериските комплекси и на работните хали во приватни индустриски субјекти.

Извор: МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *