Вратени 17 тони македонски домат наменет за руски пазар

Вести

Вратени се 17 тони македонски домат, извозна пратка наменета за рускиот пазар. Руската земјоделска инспекција, при извршена контрола на увезените производи, утврдила присуство на т.н. јужноамерикански доматен молец. Руската федерација веднаш ја вратила пратката во Македонија, со цел да спречи натамошно ширење на овие штетници во нивната земја. Информацијата за вратената пратка ја потврди и Државниот инспекторат за земјоделство во земјава.

„Ве информираме дека на ден 11.06.2018 година на ГП Табановце пристигната е пратка од домати, повраток од Руска федерација поради утврдено присуство на штетник што спаѓа во Листата на карантински штетни организми на Руската Федерација, додека согласно Македонските листи на штетни организми е класифициран како економски штетник“, се вели во соопштението од Државниот инспекторат за земјоделство.

„По пристигнувањето во РМ, земена е мостра од фитосанитарен инспектор, истата е испратена до Државната фитосанитарна лабораторија, а до добивање на резултатите пратката е задржана под надзор“, информираат од Инспекторатот.

Јужноамериканскиот доматен молец е опасен штетник на растителни култури што го намалува родот и според Државниот земјоделски инспекторат не претставува закана по здравјето на граѓаните. Секоја земја има свои карантински листи на штетни организми. Споменатиот штетник е карактеристичен за нашето поднебје, но не и за Русија.

Јужноамериканскиот доматен молец го оштетува листот, стеблото, но и самиот плод, а може да предизвика штета на плодот од 35% до 100%. Најмногу е присутен во Јужна Америка, Европа и во земјите од Медитеранот.

Минатата година во Македонија се произвеле околу 160.000 тони домати. Од нив, дури 44% се произведени во југоисточниот регион.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *