Време е за револуција во земјоделството

Вести

Пишува: Гоце Георгиевски, земјоделски инженер

Неодамна ја имав честа да присуствувам на одбележувањето на 100-тиот роденден на академик Ѓорѓи Филиповски. Без здив го слушав неговиот виспрен говор за почетоците на истражувањето и високото образование од областа на земјоделството. Тој е редоследот – со одлука на Второто заседание на АСНОМ, прво е формиран Земјоделскиот институт, а по некоја година, Земјоделско-шумарскиот факултет. Во секој случај, приоритетот на тогашната млада држава бил повеќе од јасен – истражувања и развој на земјоделскиот сектор.
И ете, го гледам Академикот пред себе, и не можам да не се прашам: Како успеавме во текот на еден животен век (во неговиот случај, сфатете го тоа буквално) да го спуштиме земјоделството од прво на последно место? Можеби и послепоследно, ако постои нешто такво. Зошто опцијата да се стане земјоделски инженер се заобиколува во широк круг? Во кој момент професијата земјоделец престана да биде респектабилна? И дали воопшто можеме да ја третираме како професија?

УБАВАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА

Пред сѐ, би сакал да појаснам два термина. Инженер – агроном е човек кој се стекнал со образование кое му овозможува да ги стави природните процеси и законитости во функција на профитабилно работење на земјоделецот. Земјоделец е човек кој исклучиво се занимава со одгледување на сѐ што произлегува или е поврзано со земјата или почвата, без оглед дали се работи за растително или анимално производство.
Промените во земјоделската политика многу споро стануваат видливи, за разлика од другите стопански гранки. Обртот на капиталот е врзан со вегетациските сезони. За да почнат овошките да плодоносат, потребни се три до пет години од почетната инвестиција. За да се смени нивната сортна структура, потребни се 15 до 20 години.
Првите генерации дипломирани агрономи беа вработувани во коoперативите, подоцна и во земјоделско-индустриските комбинати, познати како ЗИК-ови – робустни институции со целовито поврзан синџир на производство. Од семе, до финален продукт во малопродажба. Беа вработувани по две – три илјади луѓе, а земајќи предвид дека секој град имал по еден ЗИК и дека за секои 10 хектари имало вработен агроном, може лесно да се претпостави колку високо беше ценета оваа професија.
Сепак, површина која ја поседуваа и работеа ЗИК-овите изнесуваше само 10 отсто од вкупната обработлива површина. Останатите 90 проценти ги обработуваа индивидуалните земјоделци. Без оглед на т.н. „аграрен максимум“ од 10 хектари по производител (за да се спречи прекумерна акумулација на капиталот), во тогашните услови на затворен пазар, со земјоделството се обезбедуваше солиден семеен приход. Дури и кога тоа беше дополнителна дејност.
Тоа е убавата страна на приказната.

ЛОШАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА

Помалку убавото наличје е што целата оваа благосостојба и релативно висок животен стандард, беа резултат на „хоби – земјоделството“. Најголемиот дел од сопствениците на земјата беа вработени во фабрики, во администрација или слични „стабилни“ дејности, а на нива се одеше пред или по работа, односно за време на викендот. Во зависност од сезоната. Дури и оние на кои земјоделството им беше единствена дејност, преку кооперантски договори, имаа обезбеден пласман во ЗИК-овите. Во таква констелација, не постоеше мотив за развој, окрупнување, модернизација или усовршување. Тоа е лошата страна на приказната.
Кон средината на 90-те години од минатиот век, се случува катастрофа во земјоделството, позната под еуфемизмот „приватизација“. Дотогашните гломазни земјоделски мастодонти, проектирани за сосема поинакви идеолошки и политички цели – ЗИК-овите, преку ноќ беа фрагментирани во поединечни површини и објекти.
Директна последица на административно прекинатиот синџир на производство, беше ставањето катанец на неброени млекарници, винарии, ладилници, оранжерии, кланици, кои едноставно испаднаа од системот како непрофитабилни единици. Паралелно со тоа, неповратно беа урнати и дистрибутивните канали на домашниот и надворешниот пазар. Кругот на распадот се затвори.
Земјоделците беа препуштени сами на себе. Со ситни површини, неподготвени за реално пазарно работење, со нејасни развојни планови и со големи очекувања од државата. И со многу лажни ветувања.

КАКВИ РЕЗУЛТАТИ СМЕ ПОСТИГНАЛЕ

Последиците кои се непроменети цели 25 години, ги гледаме и ги живееме и денес. Земјоделскиот сектор во нашата држава од 23 отсто, падна на ангажман од околу 17 проценти од работната сила. Во меѓувреме, поголемиот дел од моите колеги агрономи го сретнувам како таксисти, како касиери во супермаркетите, како продавачи на пазари или продавници за облека, како оператори на линии во фабрики за автомобилски резервни делови, а најчесто како ФБ пријатели од странство. Тоа, според мене, е поразително за една земјоделска земја како нашата.
Последниот земјоделски попис е направен 2007 година, откога започнаа и големите популистички и во основа – коруптивни програми за финансиска поддршка во секторот. Сега, 12 години потоа и повеќе од една милијарда евра инвестирани преку „субвенции“ и инвестициски мерки, време е да видиме до каде сме и какви резултати сме постигнале.
На пример, знаеме дека земјоделството учествува околу 10 отсто во БДП, знаеме дека имаме зголемени производни површини, ама не знаеме дали е обезбеден соодветен пласман на продуктите од тие површини. Не сме си ги провериле силите во дворот на традиционалните извозни дестинации, а уште помалку на оние пазари кои сѐ уште не сме ги освоиле. А потенцијалот е огромен, можностите се на дофат.
Претстојат седум години во кои ќе треба да се распредели безмалку уште една милијарда евра – средства кои државата ги обезбедува од буџетот и други извори како претпристапните инструменти на ЕУ. Тој плански период ќе мора да се вгради во долгорочна стратегија чија цел ќе биде целосно самостоен, независен, професионален и профитабилен земјоделец.
Дотогаш, државата има задача да создаде услови за соодветна реализација на поставената цел. Тоа се пристапни финансиски механизми, инфраструктура во руралните средини, интеграција на земјоделските парцели, легални можности за интеграција на понудата и развојни проекти за одржливо и квалитетно производство.
Сите предвидени чекори се опсежни и подразбираат долг временски период на имплементација. Тоа подразбира континуитет многу подолг од мандатот на која било влада. Затоа, сега е време за реорганизација во земјоделството. Може и да се каже револуција.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *