Втор инвестициски оглас за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп над три хектари

Вести Огласи

На Сто и шеесеттата седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 22 октомври 2019, донесена е одлука за согласност за објавување на втор инвестициски оглас за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп над три хектари. Со овој оглас на располагање за давање под закуп се 1.453 хектари во Свети Николе, Велес, Струмица, Куманово, Неготино, Битола, Кочани, Кисела Вода, Пробиштип, Берово, Штип, Тетово, Кавадарци, Гевгелија и Крива Паланка.

Земјоделското земјиште предмет на огласот во зависност од видот на земјоделската култура која ќе се одгледува, ќе се доделува во времетраење од:

-30 години за подигање на долгогодишни насади (лозја и овоштарници) и оранжерии за период,

– до 70 години за подигање на долгогодишни насади со лешник за период,

– до 15 години за одгледување на други земјоделски култури за период и

-За рибници до 20 години.

Она по што се разликува овој оглас од останатите, е што се работи за оглас кој што освен за подигање на насади, е наменет и за инвестиции во земјоделството и руралниот развој. Поточно, освен за примарно производство, заинтересираните треба да понудат и бизнис план за инвестиции во преработувачки капацитети. Рокот за доставување на потребната документација до министерството е 40 дена, сметајќи од денеска. Огласот ќе се спроведе во транспарентна постапка по пат на електронско јавно наддавање, а имаат право да конкурираат сите домашни физички и правни лица и странски правни лица.

Посебен  акцент се дава на можноста на апликација за добивање на земјоделско земјиште во државна сопственост на физичките лица на возраст до 40 години или на трговско друштво со управител или извршен директор на возраст до 40 година, при што обврската за плаќање на закупнината настапува три години по влегувањето на сила на договорот за закуп.

Со првиот ваков оглас во март годинава се  потпишаа 17 договори со вкупна површина од 1.240 хектари. Вкупната инвестиција на сите овие договори е 11 милиони евра кои ќе се вложуваат во следните пет години во изградба на винарници, кланици, млинови, оранжерии и откупни центри.

Со ваквиот тип на огласи го заокружуваме синџирот помеѓу примарното и финалното земјоделско производство и креираме услови за конкурентни производи со повисока додадена вредност.

Овие огласи се важни за раздвижување на пазарот во општините, за обезбедување на сигурен пласман, решавање на проблемот со вишокот на земјоделски производи, за задржување на младите во руралните средини каде што ќе се градат вакви капацитети.

Како ресорно министерство, изминатиов период интензивно работевме на расчистување на земјоделското земјиште, спроведовме сериозни реформи во земјишната политика, со единствена цел – да го вратиме земјоделското земјиште кај вистинските земјоделци и да го ставиме во функција обработливото земјоделско земјиште. Во насока правилна и транспарентна распределба на државното земјоделско земјиште под закуп, направивме измени на Законот за земјиште, коишто веќе се стапени на сила.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *