Заев го посети семејството Вејселови, најголеми производители на тутун во Конче

Вести

Премиерот Зоран Заев во рамки на вчерашната посета на општина Конче го посети и семејството Вејселови, најголеми производители на тутун во општината.

Тројцата браќа Вејселови со своите фамилии сами произвеле близу седум тони тутун.

Тутунот е тежок за производство, велат Вејселови, од расадување, берење, нижење до калапење во него учествува од најмалиот до највозрасниот член на фамилијата.

– Не се жалиме од работата, само да се плаќа добро. Годинава имавме одличен откуп, дури половина од тутунот што го предадовме ни помина во прва класа и со тоа постигнавме просечна откупна цена од 240 денари, вели Ибраим Вејселов.

Вејселови како и останатите тутунопроизводители сега ги очекуваат зголемените субвенции кои ги најави Владата.

– За Владата ваквите тутунарски семејства како Вејселови се особено важни. Се работи за 30.000 семејства коишто егзистираат од производство на тутун и тие мора да имаат сигурен, стабилен откуп и редовни субвенции кои, од годинава ќе бидат зголемени по класи со цел да се стимулура квалитетно производство. На овој начин покажуваме интерес и за откупувачите кои ќе имаат квалитетна суровина, рече Заев.

Во државата има 200.000 земјоделски семејства кои својата егзистенција ја обезбедуваат од земјоделско производство. Состојбата во овој сектор изминативе години беше особено лоша, земјоделците и покрај работата осиромашија а производството опадна.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *