Заев: Секој што ќе купи државна нива или пасиште по ниска цена ќе мора да се занимава со земјоделство или сточарство

Вести

„Земјоделското земјиште во сопственост на државата ќе може да го купат физички и правни домашни лица. Може и правно лице со странски капитал, но за нас е важно земјиштето да остане земјоделско, да се започне земјоделска дејност. Понатаму, да се модернизира производството, а новите парцели да отворат нови работни места и да даваат производи конкурентни на пазарот. Катарски компании знаат за можноста за купување земјоделско земјиште и покажуваат интерес. Најголеми парцели имаме низ Пелагонија и низ Овче Поле, но има и во други региони. Сето тоа може да биде мотивација за инвестиции. Не може некој да дојде од страна и да ви земе се, затоа оваа активност ќе се однесува пред се за домашни фирми и наши граѓани.“- заклучи премиерот Зоран Заев, на телевизија Алсат, во емисијата „Економски магазин“, зборувајќи за идејата на Владата да продаде државно земјоделско земјиште во износ од 200 до 300 милиони евра, или до 20 отсто од вкупните површини, но само доколку новите сопственици инвестираат во земјоделски гранки, без можност за пренамена на земјиштето.

Продажбата на државното земјоделско земјиште ќе почне во втората половина на 2021 година, за што ќе биде потребно претходно да се донесат неопходните законски измени, а најмалата површина која ќе може да се купи ќе биде 10 хектари, најави премиерот Зоран Заев на Алсат М.

-Земјоделското земјиште нема да смее да се пренаменува во градежно земјиште, туку ќе мора да се користи за земјоделско производство. Доколку не се користи, односно доколку некој го купи и не го стави во функција, тогаш ќе плаќа три пати поголем данок на имот – појасни Заев.

Премиерот не очекува дека некои моќници или финансиски силни луѓе ќе најдат начин како да ја изиграат државата за да придобијат од земјоделското земјиште.

„На крајот државата е сопственик на земјиштето, таа ги вградува клаузулите во договорите, ќе предвидиме раскинување на договор, можност да го вратиме назад во сопственост на државата. Не треба никој да се грижи дека државата ќе загуби нешто, ние секако ќе го заштитиме јавниот интерес. Во едни такви околности сето она што преставува европска пракса, европски прописи, се ќе вметнеме во договорите и условите. Државата секогаш има алатки како да го заштити јавниот интерес, односно некој што е моќник или финансиски силен нема да може да го изигра законот.“- категоричен е Заев.

Тој додаде дека вкупната вредност на земјоделското земјиште со кое што располага државата се проценува на околу 2 до 2,5 милијарди евра, од кое очекува да се продадат околу 10-15 отсто од што би се инкасирале околу 200 до 300 милиони евра.

-Постојните концесионери ќе имаат предност да го купат земјиштето кое што сега го користат по пат на директна спогодба според пазарна цена која дополнително ќе биде определена, а доколку не сакаат тогаш со земјиштето ќе располагаат додека трае концесијата. Потоа, тоа ќе биде понудено на продажба – рече Заев.

Најави дека постои интерес кај турски компании за одгледување на јагниња и телиња кои пројавиле интерес и за купување на пасишта за да си го олеснат процесот на производство.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *