Започна исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2018, денеска се исплатија над 27 милиони евра

Вести

Денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати над 80 отсто од вкупно планираната сума за субвенции за тутунот од реколтата 2018-та. На сметките на 26.776 тутунопроизводители денеска се исплатија над 27 милиони евра. Во моментов уште една компанија откупувач на тутун нема доставено списоци до Платежната агенција, затоа исплатата за тие тутунопроизводители ќе се реализира во следните неколку дена.

Исплатата на субвенциите за тутунот се реализира на еден месец пред почетокот на новата производствена реколта за 2019-та и овие пари тутунарите ќе можат да ги реинвестираат во новото производство на тутун. Започнувајќи од реколтата 2017-та Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство воведе нов начин на зголемено субвенционирање во три нивоа. Согласно овие промени, субвенцијата за прва класа тутун изнесува 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа и 60  денари за трета класа и дополнителните класи.

Во реколтата 2018-та се засеаја  14.802 хектари со тутун што е за 387 хектари повеќе од 2017та, а се склучија  34.104 договори или 4.700 договори повеќе од 2017-та година. Откупот на тутунот од реколтата 2018 заврши навреме, во рамки на законскиот рок. Се откупија над  25,2 милиони киограми тутун по просечна откупна цена од 214,24 денари за килограм.

Минатиот месец во Собранието помина Новиот Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи, а измените  предвидуваат укинување на евидентните листови или т.н „бели картони“, процес кој ќе започне да се применува од 2020 година. Со оваа законска одредба значајно ќе се намалат административните процедури за тутунарите. Новите законски одредби ќе овозможат транспарентност во врска со содржината на договорите и други поволности за тутунарите, компаниите откупувачи и генерално за целиот сектор. Новиот модел на зголемени субвенции,  високата просечна откупна цена што се постигна во 2017 и 2018 година како и новото законско решение, се дел од развојните политики на Владата на РСМ и на МЗШВ, за развој на тутунопроизводството како стратешка извозна гранка која носи девизен прилив од колу 100 милиони евра.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *