Започна оценувањето на мостри ракии во рамки на меѓународниот фестивал ,,Тиквешка ракијада 2023″ во Кавадарци

Вести

Вчера попладне започна оценувањето на мостри ракии во рамки на меѓународниот фестивал ,,Тиквешка ракијада 2023″ во Кавадарци. Фестивалот што ќе се одржи на 24 мај, е во организација на Здружението на производители и мали дестилерии за жестоки алкохолни пијалоци, ,,Ж”та, во соработка со кавадаречката локална самоуправа и Вински музеј.

Панче Арсовски, претседател на ,,Ж’та”, информираше за МИА дека годинава бележат пристигнати околу 250 мостри ракии од македонски производители но и од Србија, Словенија, Унгарија, Романија, Бугарија и Грција.

На натпреварот за најдобри ракии, свои мостри можеа да испратат регистрирани мали дестилерии и индивидуални производители. Има неколку категории за оценување. Лозова жолта до три години, лозова жолта постара од три години, лозова бела, мастика, овошни ракии од слива, дуња, кајсија, крушка, вишна, ликери и останати ракии, траварици, џин, од други овошја. За над седум мостри од одреден тип ракии, се формира посебна категорија за оценување.

– На сите учесници се доделувааат дипломи со постигнати резултати и златни, сребрени и бронзени медали според пласманот, како и златни, сребрени и бронзени пехари за првите три најдобро пласирани од секоја категорија, голем златен пехар за севкупен победник за најдобри резултати во повеќе категории и главната награда, казан за ракија. Оценувањето го врши стручна комисија под раководство на професор доктор Нинослав Никиќевиќ и професор доктор Михаил Петков, појасни Арсовски.

Оценувањето започна со ракии од сливи и кајсии. Никиќевиќ рече дека се задоволни од квалитетот на досега дегустираните мостри ракии.

Тој нагласи дека имало неколку сјајни примероци меѓу ракиите од сливи.

– Имаше и две ,,ајкули”, што би се рекло, мостри ,,опасни” во квалитет. Знаете, ние ги оценуваме бојата, бистрината, типичноста, мирисот и вкусот, по скала призната во светот. Најдобрите примероци со години ги нарекувам ете ,,ајкули”, вели Никиќевиќ за МИА.

Но комисијата, додаде, била позитивно изненадена, многу задоволна и од квалитетот на ракиите од кајсии.

Петков исто така рече дека биле многу пријатно изненадени од квалитетот на досега дегустираните мостри.

– Нормално дека во тој голем број пристигнати мостри има и такви, што, тие што ги доставиле, не ги доспремиле до крај. Не ги избистриле, или пак, пуштиле некои, за коишто тие мислат дека се добри, но во една ваква конкуренција каде навистина има врвни пијалаци, тогаш се јавува таа прилично релативно голема разлика во квалитетот. Инаку, очигледен е напредокот во квалитетот. Со тек на годините, квалитетот се зголемува. И тоа е она што радува, за тоа и ние се залагаме, нагласи Петков за МИА.

За време на фестивалот, освен доделување на признанија за најдобрите, ќе има и музички хепенинг и дегустирање на производи од грозје.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *