Заврши пријавувањето и теренската проценка на штетите од невремето кое на 7 овој месец зафати дел од струмичкиот регион. До општинската комисија за проценка на штети пристигнале 358 барања . Освен пет кои се однесуваат на градежни објекти, сите останати барања се за штети предизвикани во земјоделието. Најголемиот дел од барањата се од селото Муртино кое беше и најпогодено од невремето проследено со град и силен ветер.
,,Најмногу барања за проценка и утврдување на штети има од Муртино и тоа 244, имаме 61 барање од Сачево, 44 од Дабиле и околу десетина од останатите населени места во општина Струмица,, -вели Ацо Ѓоргиев, претседател на комисија за проценка на штети во општина Струмица.
Според пријавите од земјоделците најпогодена била пиперката и тоа ајварката засадена на површините на отворено.
,, Штетите најмногу се однесуваат на посадени површини под индустриска пиперка и тоа на отворено. Имаме делумно уништени или оштетени фолии, односно пластеници со оштетено , уништено посадено производство. Имаме делумно штета на пченка, пченица и други култури на отворено,, вели Ѓорѓиев
По електронската обработка на податоците и деталната проценка на секоја пријавена парцела ќе се знае и точната висина на штетата која беше предизвикана од невремето. Веднаш потоа ќе следува изработката на елаборатот кој треба да се достави до советот на општина Струмица на усвојување, а потоа истиот ќе биде испратен до надлежните институции и владата која треба да одлучи за конечното обештетување.