Зеленчук со пестициди, брашно со пепел

Вести

Брашно со утврдено присуство на пепел, зеленчуци со присуство на пестициди над максимално дозволените концентрации, материјали што доаѓаат во контакт со храната поради утврдена миграција на метали. Ова е само дел од она што го фатиле инспекторите за храна при контролите што ги вршеле изминатата и оваа година, информираат за „Нова Македонија“ одговорните во Агенцијата за храна и ветеринарство.


Освен тоа, тие регистрирале и нецелосно имплементирани стандарди и нередовно водење записи за добра хигиенска и производствена практика, непридржување кон HACCP-стандардите, неизвршен здравствен преглед на вработени, неизвршена дезинфекција, дезинсекција и дератизација, неизвршени курсеви по хигиена, несоодветно чување и складирање на храната, несоодветно означување, продажба на производи со поминат рок, нечитлива декларација на производите и друго.
– Лани, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство извршија 49.465 инспекциски надзори (34.340 редовни, 5.263 контролни и 9.862 вонредни). Изречени се 7.043 инспекциски мерки – донесени 5.071 управни решенија, 1.784 едукации, изречени беа 29 парични казни, поднесени 37 пријави за поведување прекршочни и 7 за кривични постапки. Лани на граничните премини за влез во Македонија контролирани беа 26.534 пратки или 530.757.704 килограми храна од неживотинско потекло. Од контролираните пратки 22.280 добиле дозвола за увоз. За 4.240 пратки била издадена согласност за увоз со складирање поради лабораториско тестирање на земени мостри, а 14 пратки во количество од 199.971 килограм биле забранети за увоз. Една пратка брашно поради присуство на пепел, зеленчуци поради утврдено присуство на пестициди над максимално дозволените концентрации и утврдени отстапувања при органолептички преглед.

Во 2017 година биле земени вкупно 4.634 мостри – велат оттаму.

Минатата година контролирани биле и 10.444 пратки или 85.550.441 килограми производи и материјали што доаѓаат во контакт со храната, од кои 10.284 добиле дозвола за увоз. За 159 пратки со тежина од 1.593.998 килограми, издадена била согласност за увоз со складирање поради лабораториско тестирање на производите, а 1 пратка со 7.320 килограми била забранета за увоз во Македонија. За лабораториско тестирање земени биле вкупно 159 мостри. Во 2017 година биле увезени 14.400 пратки со храна од животинско потекло и живи животни, додека како транзит поминале 3.571 пратка, односно увезени биле 140.660.268 килограми, а транзитирале 52.374.270 килограми храна. Земени биле вкупно 341 мостра за лабораториско тестирање.
Како небезбедни минатата година биле вратени вкупно 17 пратки, а 5 биле уништени. До Одделението за заштита на потрошувачите во 2017 година поднесени биле вкупно 331 претставка. Двесте и пет од поднесените претставки или 62 отсто биле основани, а 126 или 38 отсто неосновани. Најголем број од претставките – 168 или 51 отсто од вкупно поднесените претставки се однесуваат на храната од неживотинско потекло, a 45 претставки односно 13 отсто на храната од животинско потекло. Сто и осумнаесет претставки односно 36 отсто од поднесените претставки во 2017 година биле од областа на ветеринарството, здравствената заштита и благосостојбата на животните.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *