Земјоделското осигурување е во подем. Бројките покажуваат зголемување од над 55 проценти на бројот на склучени договори за земјоделско осигурување. И покрај тоа што за голем дел од земјоделците осигурувањето сè уште претставува трошок, овој тип на осигурување има значаен раст во последните неколку години, особено лани.
Се зголемува земјоделското осигурување во државата. Покрај честите временски непогоди, кои им уништија голем дел од родот на земјоделците, голема улога во подигање на нивната свест за осигурување одиграа и кампањите. Вакви едукативни кампањи за зголемување на земјоделско осигурување се одржаа во повеќе градови низ државата, а резултатот е зголемување од над 55 проценти на бројот на склучени договори за земјоделско осигурување. И покрај тоа што за голем дел од земјоделците осигурувањето се уште претставува трошок, овој тип на осигурување има значаен раст во последните неколку години, особено лани.
Целта на кампањите е да им помогне на земјоделците да се информираат за важноста од осигурувањето имајќи предвид влијанието на климатските промени и несигурноста на земјоделското производство како „фабрика на отворено“.
-Земјоделците чекаат на директна помош од државата за надоместување на штетите од поплавите и други временски непогоди, а тоа во бројки изнесува околу 5 милиони евра трошок за сите оштетени, што е прилично голем износ, кој може да се пренасочи за други потреби во земјоделството. Најдобро е земјоделците да ги осигурат своите површини, односно посевите со кои тие се засеани, со што многу полесно ќе ја надоместат штетата и побрзо ќе можат да го обноват производството, вели Билјана Петровиќ од здружението „Современо земјоделство“.
Голем е бројот на земјоделци кои немаат ниту тие 40 проценти од осигурителната полиса да ги платат, бидејќи за нив и тоа е висока сума со оглед на заработката.
-Јас не го имам осигурено производство, но секако во иднина како што тргнало со временските услови ќе мора да го осигуриме производство. Последните години мразот и градот речиси комплетно ми го уништија родот, вели еден земјоделец од Скопско.
Податоците покажуваат дека вкупната премија за земјоделско осигурување пораснала за 66 отсто и од 157 милиони денари во 2017 година се зголемила на 261 милион денари во 2018 година. Земјоделците преку осигурувањето на своите посеви по основ исплатени штети земале 207 милиони денари.
Минатата година Платежната агенција, која покрива 60 отсто од вредноста на осигурителната полисата, односно од трошоците за осигурување на земјоделците за премии за земјоделско осигурување исплатила 110 милиони денари, додека во 2017 година по истиот основ исплатила двојно помалку, односно 55,5 милиони денари.
Иако бројките во осигурителниот сектор годинава во Македонија се подобри од минатите години, сепак се уште сме далеку од бројките што ги имаат развиените држави.