Земјоделците зборуваат за важноста на осигурувањето кај земјоделското производство

Вести Видео Совети

Климатските промени се еден од најголемите предизвици со кој се соочува човештвото. Се смета дека активностите на луѓето влијаат врз климата, која е една од компонентите на средината. Климата за возврат влијае врз земјоделството, како една од основните стопански гранки на секоја земја. Со цел да се намали или барем да се ублажи негативното влијание од сé поприсутните климатски промени врз земјоделското производство, неопходно е да се отпочне со примена на мерки на адаптација, кои би биле ефикасни на краток или среден рок, а во исто време лесни за имплементација, како во практична така и во економска смисла.

Но, паралелно додека се превземаат стратешки мерки, земјоделецот мора да си го осигура родот со осигурителна полиса.  Земјоделците воглавно чекаат само на директната помош од државата за надоместување на штетите што ги претрпеле од временските неприлики. Во бројки тоа изнесува околу 5 милиони евра трошок, за сите оштетени, што е прилично голем износ, кој може да се пренасочи за други потреби во земјоделството.  Најдобро е земјоделците да ги осигураат своите површини, односно посевите со кои тие се засеани, со што многу полесно ќе ја надоместат штетата и побрзо ќе можат да го обноват производството.

За оваа намена,  земјоделците имаат голема поддршка од Владата на РСМ, односно на располагање ја имаат мерката од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, за кофинансирање на трошоците за премијата за осигурување за надоместок на штета врз земјоделското производство, во висина од 60 отсто. Вкупната сума во Програмата изнесува 70 милиони денари.

Дека земјоделците чекаат само на добивање отштета од државата, потврдуваат и податоците превземени од АФПЗРР и МЗШВ дека во 2016 година исплатени се 86 636 161 денари на вкупно 3538 баратели, додека во 2017 година исплатени се  52 822 127 денари на вкупно 1496 баратели за осигурување.  Од вкупно регистрираните земјоделци само 4 проценти се осигурени со полиса за земјоделско осигурување. Поголем е процентот на правните лица кои ги осигураат земјоделските површини, отколку процентот на физички лица, односно 28 отсто од премијата припаѓа на физички лица, а 72 отсто на правни лица.

86 проценти од вкупната премија се однесува на осигурување на посеви и плодови, а 14 проценти на осигурување на добиток. Најчесто се осигуруваат лозовите и овошните насади, житните и градинарски култури, а освен од град, пожар и гром, насадите се осигуруваат и од пролетен мраз и губење на квалитет. Остварените приходи од продажба на полиси за земјоделско осигурување заклучно со трет квартал 2018 година достигнуваат најголем износ на премии, односно 210 милиони денари, додека исплатените штети изнесуваат 125 милиони денари.

Поради сѐ позачестените негативни последици од климатските промени и појава на град, Владата на РСМ заедно со Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, интензивно работи на мерки со кои што ќе се заштити земјоделското производство од штети од временските непогоди, конкретно од град. Токму затоа од неодамна воведена е нова подмерка „Услуги за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз земјоделски посеви“, која е само дел од мерките за заштита од временски нeпогоди.

Станува збор за нов систем за заштита од временски непогоди којшто предвидува контрола на климатските услови преку таканаречено засејување. Тоа подразбира надлетување на небото на територија на Република Северна Македонија со специјално опремени авиони кои ќе испуштаат раствор за спречување на формирање на мраз во облаците. Со овој вид на заштита од природни климатски непогоди како што е градот се постигнува најефикасен систем за превенција и неколку кратно поекономичен систем од старите ракетни системи.

Не гледај во небото – осигури се!

„Современо Земјоделство“

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *