Земјоделски инспекторат: Стигнуваат приговори од тутунарите, вчера откупени 440 тони по 167 денари

Вести тутун

Непречено тече откупот на тутунот во Прилеп. Производителите ги носат договорените количини на вагите, но го оспоруваат она што сметаат деке не е реално проценето.

Откупната кампања ја следи Државниот земјоделски инспекторат. Според директорот на Инспекторатот, Зоран Шапуриќ, од вкупно 90 приговори од почетокот на кампањата, само вчера се поднесени 21, а пристигнуваат и денеска.

– Само вчера во земјава се купени 440 тони по просечна цена од 167 денари. Тоа е благ пораст од почетната од 162, па 164, 166 денари. Досега вкупно се откупени 2 390 тони. Повеќе од половината досега поднесени приговори се позитивно решени. Ние будно ја следиме ситуацијата на теренот, а веќе има и денеска приговори, изјави Шапуриќ.

Откупната цена бележи благ пораст од почетната, а досегашна придобивка од договороте е што одбитоците се сведени на пет проценти.

Од Тутунскиот комбинат – Прилеп информираат дека досега откупиле околу 400 тони по цена од 177 денари за килограм.

Сојузот на земјоделски здруженија ги повика поверениците на вагите да ја следат ситуацијата со откупот и секое нереално ценење да се пријавува и да се решава.

МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *