Златен и сребрен медал за вина на „Стоби“ на Мундус вини“

Вести Винотека Лозарство

Вината „Аминта“ и „Ркацители“ на винаријата „Стоби“ освоија златен и сребрен медал на Меѓународниот натпревар за квалитет на вината „Мундус вини“ во Германија.

Со највисоко признание се закити виното „Аминта“ од бербата од 2015 година, кое е дел од ексклузивната линија вина „Приватна резерва“ (Private reserve), додека сребрен медал освои „Ркацители“ од бербата од 2016 година.

Престижните награди за квалитет „Стоби“ ги доби во конкуренција на повеќе од 6.700 вина на производители од целиот свет, а одлуката ја донесе меѓународно жири од висококвалификувани судии – дегустатори (енолози, вински аналитичари, трговци со вино, сомелиери и новинари што ја следат светската винска индустрија).

– Вината на „Стоби“ редовно освојуваат високи признанија на најпрестижните светски натпреварувања, на што сме особено горди бидејќи тоа е потврда за врвниот квалитет на нашите вина. Од друга страна, тоа е добар поттик и за извозот на флаширано вино од Македонија на европските и светските пазари, бидејќи потрошувачите добиваат и официјална потврда дека вината од земјава се навистина квалитетни и високо оценети од винските стручњаци, изјави сопственичката на „Стоби“ Ана Јорданова.

Наградените вина на „Стоби“, заедно со другите победници на „Мундус вини“, ќе бидат изложени пред посетителите на големиот вински саем „Провајн“ во Дизелдорф што ќе се одржи во средината на март.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *