Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, преку прес конференција ја извести јавноста дека заради превенција од појава на „Африканска чума“ издадено е Решение за предвремено отпочнување на ловната сезона на лов на дивеч под заштита.
Како што информираше Димковски, практично ловната сезона ќе отпочне два месеци порано од законски предвидената.
„Целта е со намалување на густината на популациите на дивата свиња во Република Северна Македонија, да се намалат и шансите за појава и ширење на оваа заразна болест. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, до Владата на Република Северна Македонија ќе предложи и усвојување друг сет на мерки, како што сe :
– Забрана на населување на дивата свиња во ловиштата согласно на планските документи и развојните програми и
– Забрана на зимската прихрана на дивата свиња во ловиштата согласно на планските документи и развојните програми.-истакна Димковски
Претседателот на Ловечката федерација, Влатко Алексовски, апелираше до сите ловци, ловни друштва и концесионери да се вклучат во реализацијата на превентивните мерки кои се спроведуваат се со цел заштита од појава на болеста „свинска чума“
Според проценките во земјава има околу 8.000 диви свињи, рамномерно распространети низ целата територија на Република Северна Македонија.