Стартува проектот Договорно производство на органска пиперка

Вести

Годинава стартува проектот Договорно производство на органска пиперка ајварка на иницијатива на Агротим, а во соработка со преработувачки капацитети, советничката за органско производство Ангела Ѓеровска и земјоделски производители од неколку региони.

Производството веќе започна, ќе се сади на површина од околу 10 хектари, од кои најмногу во Прилепско, 6 хектари, а останатите во Битолскиот и Светиниколскиот регион.

-Семето го набави еден производител за сите, а расадот секој сам го подготвува. Стартно добро оди организацијата и првично се исполнуваат условите за органско производство. Подигнувањето на расад на сите земјоделски производители им е познато, но поради забраната за употреба на хербициди, плевењето мора да се врши рачно – изјави Ѓеровска.

Целокупниот процес на производство од расад до берба, цена и предавање на родот во преработувачки капацитет, ќе биде следен од страна на Агротим, преку репортажи, изјави на земјоделците, откупувачот, советите за органско производство и сите потребни агротехнички мерки.

Целта е да се доближи ова производство до земјоделците, да се охрабрат и да се вклучат во овој процес на Договорно производство како најдобро решение за нив, но и за откупувачите.

Органските земјоделски производи како и нивни преработки последниве години се доста барани на европските и светските пазари.

Нашите земјоделци имаат поволни почвено – климатски услови за органско производство, а како поволност се и високите субвенции за ова производство.

Конкретно, доколку се одлучите да произведувате органска пиперка од сортата куртовска капија, тогаш имате 60 000 денари од хектар (за 100% повисоки субвенции од конвенционалното производство кое изнесува 30 000 денари од хектар).

Доколку површината ви е од 1 до 5 хектари, тогаш имате 72 000 денари од хектар.

Ова зголемување е со цел да се зголемуваат површините кај малите земјоделски стопанства.

На оваа сума од 72 000 денари за хектар со органска пиперка куртовска капија, има и дополнителни субвенции од 6 денари (100% повеќе од конвенционално произведени) за предадени во преработувачки капацитет.

Пример, ако предаде 5 000 килограми од хектар, ќе добие плус 30 000 денари. Или заедно со субвенциите по површина вкупно 102 000 денари или 1 700 евра.

Државна поддршка има и за преработувачот доколку е регистриран за органско производство. За преработка на органски производи и органски производи во преод, поддршка до 10% од произведените до максимум од 150 000 денари по оператор.

Исто така, земјоделскиот производител има субвенции од 50%, има и за добивање на сертификат за органски производ.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *