АХВ со апел за спречување на евентуална појава и ширење на Африканската чума кај свињите во Македонија

Вести Совети Сточарство

По појавата на ново жариште на болеста Африканска свинска чума во областа Русе во соседна Бугарија, Агенцијата за храна и ветеринарство на повисоко безбедносно нивo ги подигна мерките за спречување на појава и ширење на оваа болест кај свињите и во нашата земја.

Освен во соседна Бугарија, болеста во моментов е присутна и во Романија, Унгарија, Естонија, Латвија, Летонија, Белорусија, Украина, Полска и во други земји.

Во моментов во Република Северна Македонија нема појава на болеста Африканска чума кај свињите, ниту во фармите, ниту кај популацијата диви свињи.

Африканската свинска чума не е болест која е опасна за луѓето, но, е високо заразна вирусна болест кај дивите и домашните свињи, која брзо се шири преку контакт со заболени свињи, производи од животинско потекло кои не се доволно термички третирании, контаминирани предмети и опрема. Болеста предизвикува големи економски штети и загуби во свињарството.  Истата не се лекува и за неа не постои вакцина.

Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните, а со цел спречување на евентуална појава и ширење на Африканската чума кај свињите во Македонија и можните катастрофални последици по свињарството во Македонија АПЕЛИРАМЕ:

  • граѓаните кои патуваат во Република Бугарија, и во другите земји каде е потврдено присуство на болеста Африканска свинска чума, при враќање во земјава, во личниот багаж да не носат храна од животинско потекло.
  • комуналните инспектори при општините да вршат заловување на единките свињи кои ќе бидат затекнати на отворени јавни површини.
  • одгледувачите на свињи во селските домаќинства да ја почитуваат забраната за чување на свињите на отворено, односно свињите да не ги пуштаат на паша, бидејќи постои ризик тие да дојдат во контакт со диви свињи кои може да ја пренесат оваа болест.
  • Ловџиите, ловните друштва, шумарските работници и собирачите на шумски плодови да го пријават секое угинување на диви свињи кое ќе го забележат до официјалните ветеринари или до најблиското ветеринарно друштво,
  • ветеринарните друштва будно да ја следат здравствената состојба на свињите во одгледувалиштата и до официјалните ветеринари да го пријават секој сомнеж за појава на оваа болест.

Понатаму сакаме да ја информираме јавноста дека со цел заштита од внесување на вирусот на Африканска свинска чума во нашата земја од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство превземени се повеќе мерки и активности меѓу кои:

  • Донесени се забрани од за увоз и транзит на свињи, производи и нус производи од свинско месо од земјите и регионите каде е потврдено присуство на болеста.
  • Почнувајќи од 2017 година Агенцијата за храна и ветеринарство почна со спроведување на мониторинг на присуство на Африканска чума кај дивите свињи при што од секоја застрелана свиња се земаат примероци за испитување на присуство на вирусот на африканска чума кај свињите.
  • Изработен е план за итни мерки и оперативен прирачник за справување со Африканска чума кај свињите,
  • Преземени се мерки за подигнување на биосигурносните мерки на одгледувалиштата со свињи и направена е категоризација на комерцијалните фарми во однос на ризикот и степенот на спроведените биосигурносни мерки.
  • Агенцијата спроведе едукативни кампањи за важноста од спроведување на мерките на биосигурносност на одгледувалиштата, како  мерки за намалување на ризикот од појава и спречување на ширење на болеста наменети за одгледувачите на свињи и сопствениците на комерцијални фарми.
  • Испечати и раздели упатсво за спроведување на биосигурносни мерки на одгледувалиштата со свињи.
  • Изврши евидентирање на сите одгледувалишта за свињи и идентификација на свињите.
  • Донесено е решение за забраната за чување на свињите на отворено или слободна испаша како и хранење со помии.
  • Интензивирана е соработката со институциите, Ловечката федерација, ловните друштва, Национални паркови, ЈП Македонски шуми и особено со МЗШВ Сектор за шумарство и ловство и Државна инспекција за шумарство и ловство во насока на размена на податоци и информации);
  • Изврши обука на царинските работници за преглед на личен багаж.
  • Во услови на зголемена фреквенција на лица кои влегуваат или транзитираат низ земјава поради периодот на годишни одмори, Агенцијата за храна и ветеринарство ги извести царинските службеници за воведување на дополнителни, засилени контроли на личниот багаж на патниците, поради опасност од  внесување на храна од животинско потекло – месо и производи од месо, преку кои може да се внесе болеста и во нашата земја.
  • Издадено е Решение за санитарен одстрел на диви свињи во ловиштата преку организиран лов.
  • Се интензивираат и воведените засилени мерки на контрола и на добиточните пазари во земјава. Од страна на официјалните ветеринари ќе се вршат засилени контроли на движењето на добитокот, особено на свињите, за што на сила останува забраната на добиточните пазари да не смее да се внесуваат животни без соодветно здравствено уверение.

 

НАПОМЕНУВАМ во моментов во Република Северна Македонија нема појава на болеста Африканска чума кај свињите, ниту во фармите, ниту кај популацијата диви свињи.

Агенцијата ќе продолжи будно, на секојдневна основа да ја  следи состојбата со болеста во соседството и во другите земји каде е потврдено нејзиното присуство и доколку има нејзина појава и кај нас, навремено ќе реагира и ќе ја информира јавноста.

 

Пресконференција на Директорот Зоран Атанасов

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *