Во Битола се одржа манифестацијата по повод 15 Октомври – Меѓународниот ден на руралната жена, во организација на Здружението за земјоделци „Современо Земјоделство“ – Битола, со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На 15 октомври, по повод Меѓународниот ден на руралната жена, во Битола се одржа манифестацијата „Рурална жена – Силата на Пелагонија“, посветена на жените кои со својот труд, знаење, посветеност и претприемачки дух имаат значајна улога во земјоделството и развојот на руралните средини.
Организатор на настанот беше Здружението за земјоделци „Современо Земјоделство“ – Битола, со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
На манифестацијата присуствуваа градоначалникот на Општина Битола, д-р Тони Коњановски, претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, Викторија Христовска од Кабинетот на градоначалникот, подрачниот раководител на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – ПЕ Битола, Стојан Христовски, Раководителката на одделение за пелагониски регион на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ), како и претставници од земјоделското училиште и агросекторот.
Пред присутните најпрво се обрати претседателката на ЗЗ Современо Земјоделство, м-р Билјана Петровиќ.
-Како претседателка на Здружението за земјоделци „Современо Земјоделство“ – Битола, ми претставува особена чест што заедно со вас ја реализираме оваа манифестација. Нашата цел е да го истакнеме значењето на руралната жена, да ги препознаеме нејзините достигнувања, да ги претставиме нејзините производи и иницијативи и да поттикнеме нови можности за поврзување, унапредување и економско зајакнување, истакна Петровиќ.

Настанот беше можност да се истакне значењето на руралната жена како активен чинител во земјоделското производство, семејното стопанство, претприемништвото и зачувувањето на традицијата, но и потребата од поголема видливост, поддршка и создавање нови можности за нејзин професионален и економски развој.
Во своето обраќање, Градоначалникот Коњановски го истакна придонесот на руралните жени во земјоделското производство, локалната економија и развојот на руралните средини.
Тој нагласи дека и во време на дигитализација и примена на современи начини на работа, традиционалното производство задржува посебна вредност. Во тој контекст ја посочи умешноста на жените, кои ги пренесуваат знаењата и вештините наследени од своите мајки и баби.
„Руралната жена е уникатна приказна во тој дел, каде само таа може да го направи она што денеска има посебна вредност, а тоа се производите подготвени од вредните раце и нејзината умешност“, истакна Коњановски.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство има важна улога преку креирањето политики, мерки и можности за поддршка на земјоделските стопанства и руралните заедници. Особено е важно овие можности да допрат до жените во земјоделството, кои со својот труд, знаење и претприемачки дух се значаен дел од развојот на руралните средини, истакна Стојан Христовски, раководител на МЗШВ ПЕ Битола.

Едукација и можности за поддршка на руралните жени
Во едукативниот дел од програмата, доцент д-р Викторија Стојковски, професорка на Факултетот за биотехнички науки во Битола, одржа предавање „Можности и предизвици на дигиталното земјоделство“, посветено на маркетингот и промоцијата на земјоделските производи. Преку својата секојдневна работа со студентите, таа придонесува за едукација на нови генерации стручни кадри и развој на современи пристапи во агросекторот.

Мирјана Милинг, раководителка на Регионалното одделение на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството – Пелагонија, со предавањето за „Жената – двигател на земјоделството и руралниот развој“, ги претстави можностите за поддршка на земјоделците и руралните жени, со посебен осврт на новообјавениот повик за поддршка на руралната жена преку Националната програма. Информирањето за достапните мерки и условите за аплицирање е важен чекор кон искористување на можностите за развој на земјоделските стопанства и иницијативите на жените од руралните средини.

Признанија за седум жени земјоделки
Посебно место во програмата имаше доделувањето признанија на седум жени земјоделки од Пелагонија, како израз на почит кон нивниот труд, истрајност, посветеност и придонес во земјоделското производство и зачувувањето на руралните вредности.
Тоа се жени кои со својот секојдневен труд ја обработуваат земјата, се грижат за производството, ги одржуваат семејните стопанства, создаваат домашни производи и ги пренесуваат традиционалните знаења и вредности.
Нивниот придонес не се мери само во произведеното. Тој се гледа и во истрајноста, одговорноста, посветеноста кон семејството и заедницата и во примерот што го оставаат за идните генерации.
Со овие признанија сакаме да им кажеме едно големо благодарам – за трудот што често останува незабележан, а е од суштинско значење за животот и развојот на Пелагонија, истакна претседателката на ЗЗ Современо Земјоделство, м-р Билјана Петровиќ.
Признанијата им беа доделени на:
- Наталија Павловска Ацевска – „Млада жена – нова генерација во земјоделството“, за храброста, ентузијазмот и активното вклучување на младата генерација во земјоделството.

- Роза Соклевска – „Жена – темел на земјоделската традиција“, за долгогодишниот труд, истрајноста и придонесот во земјоделството, особено во производството на тутун и зачувувањето на земјоделското искуство.

- Николина Кузмановска од село Драгарино – „Жена – амбасадор на органското сточарство и традиционалните вкусови“, за посветеноста на органското сточарство, семејното производство и изработката на традиционални млечни производи.

- Ангелина Јовановска од село Егри – „Жена – вредни раце на плодната Пелагонија“, за трудот, посветеноста и истрајноста во земјоделското производство и придонесот кон развојот на земјоделството во Пелагонија.

- Јасмина Аневска – „Жена – столб на семејното земјоделство“, за посветеноста и значајниот придонес во развојот на семејното земјоделско производство.

- Силвана Дамчевска – „Жена – чувар на традицијата“, за посветеноста во земјоделството и придонесот во зачувувањето и промовирањето на традиционалната домашна храна.

- Мирјана Митровска – ИЗ „Јурук НМ“ – „Жена – земјоделски претприемач“, за посветеноста, одговорноста и успешното управување со земјоделското производство.

Преку овие признанија беа истакнати различните улоги на жените во руралните средини – од младите земјоделки кои ја претставуваат новата генерација, преку семејните земјоделски стопанства и сточарството, до жените кои ги чуваат традиционалните производи и развиваат претприемачки иницијативи.
Признанија за пет жени од агросекторот
Земјоделството не го сочинува само производството на нива или на фарма. Зад неговиот развој стојат и знаењето, образованието, стручната поддршка, претприемништвото, преработката, современата механизација и управувањето со големите земјоделски системи.
Признанија добија и пет жени кои преку својата професионална работа, знаење, образование, институционална поддршка и претприемништво придонесуваат за развојот на земјоделството и агробизнисот.
- Доцент д-р Викторија Стојковски – „Жена – знаење и иновација во агросекторот“, за придонесот во развојот на современото земјоделство преку знаење, едукација и примена на современи пристапи.Викторија е професорка на Факултетот за Биотехнички науки во Битола, од областа на менаџментот, која преку својата секојдневна работа посветено ги едуцира студентите и придонесува во создавањето нови генерации стручни кадри за земјоделството и агробизнисот.Нејзината посветеност на образованието, пренесувањето на знаењето и промовирањето на современите пристапи претставуваат значаен придонес кон развојот и модернизацијата на агросекторот.

- Мирјана Милинг – „Жена – двигател на земјоделскиот развој“, за професионалноста, посветеноста и придонесот во поддршката на земјоделците и унапредувањето на земјоделскиот сектор.
Преку својата професионална работа и непосредната соработка со земјоделците, таа придонесува за приближување на информациите, советите и можностите за поддршка до оние на кои им се најпотребни. Нејзината улога е особено значајна во информирањето и охрабрувањето на жените од руралните средини да ги препознаат можностите за развој, да ги унапредуваат своите активности и посигурно да го градат своето место во современото земјоделство.

-
Живка Иванова, професорка во СОЗУ „Кузман Шапкарев“ – Битола – „Жена – посветена на знаењето и младите“, за долгогодишната посветеност на образованието на младите, пренесувањето на знаењето и заложбите за зачувување и афирмација на земјоделското образование.
Нејзината работа и заложби се особено значајни за промовирањето на земјоделските професии и охрабрувањето на младите да ги препознаат можностите што ги нуди земјоделското образование.
Признанието е и за неуморната заложба за зачувување и афирмација на земјоделското образование. Во период кога училиштето се соочуваше со предизвици поради малиот број ученици, таа продолжи активно да се залага за неговото значење, да го промовира и да ги охрабрува младите да ги препознаат можностите што ги нуди земјоделската професија.
Затоа, нејзиниот придонес е особено значаен – бидејќи вложувањето во младите и зачувувањето на земјоделското образование значат вложување во иднината на земјоделството и руралните средини.

- Ана Ѓоргиев, директорка на ЗИК „Пелагонија“ – „Жена – темел на земјоделскиот развој“, за професионалноста, посветеноста и придонесот во развојот на земјоделското производство и агробизнисот во Пелагонија.
- Преку својата професионална улога, таа е дел од развојот и унапредувањето на земјоделското производство во Пелагонија, регион во кој земјоделството претставува важен дел од економијата и традицијата. Нејзиниот професионален ангажман е пример за присуството и придонесот на жените на одговорни позиции во агросекторот, каде што знаењето, искуството и посветеноста се важни за одржување и развој на земјоделските капацитети.

-
Христина Фуна, сосопственичка на „Синпекс“ – „Жена – лидер во агробизнисот и модернизацијата на земјоделството“, за претприемачкиот дух, визионерскиот пристап и придонесот во развојот и модернизацијата на земјоделството.
„Синпекс“ има 36-годишна традиција во областа на тракторите и приклучната земјоделска механизација, а во изминатите години го проширува своето присуство и во Србија и Босна и Херцеговина, со стремеж за понатамошно ширење низ Балканот.
Нејзиниот професионален ангажман е пример за претприемништво, визија и постојан стремеж кон развој.
Но, нејзината визија не завршува со агробизнисот. Како претприемачка со разновидни интереси и иницијативи, таа е сопственичка и на ресторан организиран како приватен клуб, а својата креативна и општествена страна ја изразува и преку основањето на Академијата „Утопија“ и Книжевниот клуб „Утопија“.
Нејзиниот пример покажува дека жената во бизнисот може истовремено да придонесува за модернизацијата на земјоделството, развојот на претприемништвото и создавањето простори за едукација, култура и личен развој.

Со овие признанија беше нагласено дека жените имаат значајна улога не само во непосредното земјоделско производство, туку и во образованието, институционалната поддршка, модернизацијата, развојот на бизнисите и создавањето нови можности за руралните заедници.
Фолклор, традиционални вкусови и поврзување
Културната програма ја збогати Фолклорниот ансамбл „Битола“, кој со своите настапи ја истакна богатата македонска фолклорна традиција и културното наследство што се пренесува од генерација на генерација.


Манифестацијата продолжи со „Вкусови на Пелагонија“ – изложување, дегустација и промоција на традиционални производи и храна од регионот. Овој дел овозможи дополнително претставување на локалните производи, размена на искуства и непосредно дружење меѓу земјоделките, претставниците на институциите и агробизнисот.

Руралната жена – сила, знаење и визија за иднината
Со одржувањето на манифестацијата „Рурална жена – Силата на Пелагонија“, Здружението за земјоделци „Современо Земјоделство“ – Битола ја истакна потребата од континуирано препознавање и вреднување на придонесот на жените во земјоделството и руралниот развој.
Преку доделувањето признанија, едукативните содржини и промовирањето на локалните производи и традиции, настанот испрати порака дека поддршката на руралната жена значи поддршка на семејното земјоделство, претприемништвото, образованието и развојот на руралните средини.
Руралната жена е сила што создава, знаење што се пренесува, традиција што се чува и визија што ја гради иднината на Пелагонија.
М-р Билјана Петровиќ















