АХВ спроведува вонредни контроли во туристичките центри

Вести

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, во ек на туристичката сезона, спроведоа вонредни контроли во хотели, ресторани, пицерии, слаткарници, бурекчилници, пекарници, сендвичарници, ќебапчилници, кафе барови, во маркетите и во други објекти каде се подготвува, послужува или се продава храна во туристичките центри Охрид, Струга и Дојран.

Спроведени се вкупно 124 контроли во 55 објекти при што се констатирани недоследности кои се однесуваат на нехигиена во објектите, неправилно декларирање на храната, нередовно вршење на задолжителните здравствено – хигиенски прегледи на вработените. Со контролите утврдено е дека дел од операторите со храна немале уверенија за извршена обука од областа на безбедноста на храната и неуредно и нередовно воделе евиденција согласно пропишаните процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса.

За констатираните недоследности издадени се 23 решенија за нивно отстранување, издадени се вкупно 36 покани за едукација, а изречена е и една парична казна. Како небезбедни уништени се 25 килограми храна (10 килограми мелено месо и 15 килограми пилешки стек).

Покрај вонредните, засилени контроли во туристичките центри, од страна на инспекциските служби зајакнати контроли се спроведуваат и во малопродажните објекти во сите населени места.

Иако во моментов температурите не се екстремно високи, како одговорна институција за безбедноста на храната апелираме граѓаните да ги почитуваат препораките за консумирање на безбедна храна, да купуваат од одобрени и регистрирани објекти кои ги имаат имплементирано безбедносните системи, а како одговорни потрошувачи да внимаваат и на означувањето на производите и на тоа каде и како истите се чуваат. Во домаќинствата, исклучително важно е да се внимава на хигиената, подготовката на храната и нејзиното чување на соодветна температура.

Како одговорна институција ги охрабруваме граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната да ја пријават на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22, но и лично, или на електронската пошта info@fva.gov.mk.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *