Битола доби пари за четири проекти преку Програмата за рурален развој

Вести

Во наредниот период во Општина Битола ќе се гради делот од Зелениот  градски пазар каде се продава бижутерија и цвеќе, ќе се реконструира патот за Маловишта, ќе се реконструира и патот за селото Буково, а ќе се прави и  парк во село Лопатица. Ова се четирите  проекти за кои Општина Битола доби пари  преку Програмата за рурален развој.

-Општина Битола конкурира со четири проекти на повикот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието. Сите четири проекти се одобрени и Битола ќе добие пари за реализација на истите. За секоја програма можеше да се учествува со по еден проект, а Битола го доби максимумот, соопшти претседателот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски.

Според Груевски во текот на овој месец се очекува да бидат потпишани договорите.

-Единствената пречка е тоа што пазарот во Битола се наоѓа во старото градско јадро и дозволите за негова изградба се многу покомплицирани и се добиваат од Управата за културно наследство. Сите овие проекти се гласаа од Советот на Општина Битола и тоа на по два пати секој проект,  објаснува Груевски.

Министерот за земјоделство Лупчо Николовски објави дека со 202 капитални проекти изработени од 80 општини и 8 Плански региони, создадени се  услови за подобар и достоинствен живот за граѓаните во сите општини во државата.

-Започнавме со потпишувањето на решенијата за проектите на сите општини и плански региони, со коишто ќе имаме реализација на капитални инвестиции во делот на локална патна инфраструктура, патишта за поврзување на населени места, за поврзување на селата, домови за култура , изградба и реконструкција на пазари, инвестиции во водоводна и канализациона мрежа, различни тип на инвестиции во делот на руралниот туризам.

Ова се дополнителни 38 милиони евра коишто ги обезбедивме преку Програмата за рурален развој и коишто ќе бидат инвестирани во капитални инвестиции за потребите кои се најважни за граѓаните, а ќе го поттикнат и регионалниот економски раст, објави Николовски.

 

Апла.мк

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *