Дебата со земјоделците од Тетово за Законот за задолжително земјоделско осигурување

Вести

Минатата недела во Тетово се одржа трибина на која се разговараше за изготвениот Закон за задолжително земјоделско осигурување.

На средбата присутни беа земјоделски производители од различни земјоделски гранки – поледелци, градинари, пчелари и одгледувачи на овци.

Претставниците од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, најнапред го претставија законот, а потоа земјоделците поставуваа прашања и дилеми на кои добија одговор.

Пчеларите покажаа интерес да помогнат со свои сугестии како законот да биде уште подобар. За таа цел се очекува да се реализира уште една директна средба на која ќе се разгледаат сите предлози од страна на пчеларите, а кои ќе помогнат за уште подобар и функционален закон.

Целта на овие средби е токму тоа, да се претстави Законот но и да се подобри со сугестиите од страна на земјоделските производители, изјавија претставниците од МЗШВ.

На трибината беше потенцирано дека задолжителното земјоделско осигурување ќе има за цел да бидат осигурени сите земјоделци и ќе биде еден од условите за исплата на субвенциите.

Како што информираа претставниците од МЗШВ, со донесувањето на овој закон, треба да се намалат бирократските процедури и исплатата за настанатите штети ќе биде извршена во текот на истата година кога е настаната штетата.

Александар Мусалевски од МЗШВ нагласи дека земјоделците не треба да бидат загрижени бидејќи овој Закон е во полза на земјоделците. Со него, сите штети што досега со стариот систем се исплаќале за 2-3 години, со новиот закон ќе се исплаќаат во тековната година кога настанала штетата, објасни Мусалевски.
Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *