Гевгелија уште пред два века била позната по производство на тутун

Вести

Гевгелија со својата околина уште пред два века била позната по производството на тутун, кој како култура бара внимание во текот на целата година и токму затоа толку е вреден и уште популарно наречен жолто злато.

Во нашата земја тутунот пристигнал нешто подоцна од остатокот од светот, поточно во 1873 година, и во Гевгелиско веднаш станал центар на духовниот живот, не толку поради тоа што важи за трудово интензивна култура, туку затоа што носел големи финансиски приноси, кои на производителите и нивните семејства им гарантирале стабилна егзистенција. Дури и локалната фолклорна архитетктура тогаш била дефинирана според потребите за сушење на низите тутун.

Две години од почетокот на неговото одгледување во Гевгелија не постоел никаков објект за обработка на тутунот. Првата работилница за обработка на тутун, наречена „рези“, била подигната во 1895 година и била во вид на магацин за сортирање на тутунот. Оној со најслаб квалитет, кој отпаѓал при сортирањето, се горел во околината на градот.

По изградбата на резите и на железничката линија до Солун во 1873 година нараснало производството на тутун, кое достигнало врв во 1909 година, кога се изградила шесткатната зграда за тутунов склад. Тогаш во Гевгелија и 48-те села се произведувале 468.000 килограми тутун.

Фабриката за обработка на тутун ја изградила австроунгарска фирма за трговија со тутун „М. Херцог и компанија“ во таканареченото Гарџово место каде што стои и денес во паркот во близина на железничката станица во Гевгелија. Била пуштена во работа во 1910 година и во неа се складирал тутунот од Гевгелиско-валандовската Котлина, Кукушко, Радовишко и други краеви на Македонија. Нејзини сопственици биле еврејски трговци од Солун. Во неа имало 600 работници, главно жени, кои работеле за ниски дневници поради што често биле во расправии со трговците.

Освен фабриката, како единствен сведок на некогашното интензивно производство на тутун во Гевгелиско, денес на овие простори нема да најдете површина насадена со тутун. Можеби само во селата со турска националност во Валандовско.

Пред околу три децении Гевгелија почна да оди по патот на казино-бизнисот и казино-туризмот, кој сè поинтензивно се развива и носи големи приноси со многу помалку труд.

Тутунопроизводството, како белег на овие простори, останува само во сеќавањето на постарите генерации, кои во лето, за време на бербата, одеа на нивите во 4 часот наутро и потоа со игли во раце по цел ден во ладовина го нижеа жолтото злато, кое за нив значеше егзистенција.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *