Готови се проценките по незапамтеното невреме во Преспа: Колкави се штетите?

Вести Овоштарство

Во Преспа при невремето кое се случи месецов уништени се плодовите, јаболковите стебла, а дел од нив нема да имаат род и следната година.

Од Општина Ресен велат дека на земјоделските  површини проценката на штети е завршена, големи оштетувања има, а се врши и проценка на штети на објекти, затоа што има оштетувања во автокампот Крани, и тој дел од работата ќе биде готов до 6 август.

„Кај јаболката има оштетувања од 50 отсто до 100 проценти, и може да се каже дека 80 проценти од јаболката се целосно уништени. Освен на плодот, има оштетувања и на стеблата, има откронати стебла, а некои дрвца ќе останат без род за една или две години. Обештетувањето го врши државата, а наша обврска е да направиме пресметка. Тоа треба да помине на совет, потоа оди на  комисија, и на крај треба да помине на Влада и да следи исплата“, вели Љупчо Поповски, член на комисија за проценка на штети.

Љубе Пампулески, претседател на здужението на овоштари „Благој А. Котларовски“ од Ресен вели дека комисијата утврдила дека има огромни штети на насадите со овошје.

„За родот од 2019 година, тоа е завршена работа, јаболката се на земја, не ни можат да се користат. Автоматски и во 2020 година или нема да има род, или ќе биде минимален. Оние јаболка покрај езерото кои беа на удар нема да имаат род, а истото ќе се случи најверојатно и со оние кои се во појасот околу 500 метри од езерото. Многу дрвја немаат ниту лисја, и сега се преземаат мерки со наводнување, да се спасат стеблата, да не се исушат. Но, стотици стебла ќе мора да се обноват“, вели тој.

Пампулески објаснува дека според некои првични информации, од невремето погодени биле помеѓу 300 и 400 хектари површина.

На 10 јули на удар на невремето проследено со град беа овошните насади во селата Крани, Штрбово, Наколец, Љубојно, Долно Дупени.

Овоштарите и претходните години имаа проблеми поради градот, мразот, немањето на пласман.

 

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *