Во врска со лажните вести кои кружат на некои сомнителни страници на социјалните мрежи каде по секоја цена се обидуваат да ја оцрнат мојата работа како министер и ја искривуваат реалноста во врска со моменталната состојба на тутунопроизводителите и откупот на тутунот, сакам да и појаснам на јавноста дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги презеде сите неопходни чекори во согласност со законските обврски, еден месец пред официјалниот почеток на откупот на тутунот од страна на откупувачите.
Според законот, откупот на тутун започнува од моментот на потврда на примероците (15 ноември) и не подоцна од 15 декември.
Соодветно на тоа, некои од компаниите што откупуваат тутун започнаа од 16 ноември и до денес се отворени скоро сите откупни пунктови.
На местата каде се врши откуп на тутун, има повереници од Сојузот на здруженија на производители на тутун, кои имаат обврска да го штитат интересот на тутунопроизводителите, а во случај тутунопроизводителот да не се согласи со проценката на класата на тутун, има право да поднесе приговор, после кој се формира второстепена комисија каде учествуваат 3 члена (еден од откупувачите, еден од производителите и претставник од МЗШВ). Одлуката на оваа комисија е задолжителна и откупувачот на тутун мора да ја почитува.
Улогата на МЗШВ е да ја следи целата ситуација и да не дозволи тутунопроизводителите да бидат оштетени во целиот овој процес, додека во однос на цената на тутунот ова е регулирано прашање засновано врз пазарната економија и ние како министерство не можеме да влијаеме кон приватните компании околу цената на тутунот, но нивна обврска како откупна компанија е да го истакнат ценовникот на јавно место, но и производителите на тутун да се известат за цената.
Од буџетот за субвенции доделени од МЗШВ, околу 30% се наменети за тутунот како приоритетен производ за државата, додека субвенционирањето се врши во оваа форма:
-Прва класа – 80 ден / кг
-Втора класа – 70 ден / кг
-Сите други класи – 60 ден / кг
На државно ниво, договорени за откуп се 23 милиони килограми тутун, додека досега се откупени околу 300.000 кг (или околу 1,5% од вкупната количина).
Просечната продажна цена, односно откупна цена на тутун е околу 165 ден / кг, но со оглед на тоа што од искуство вообичаено е во првите денови на откупот на тутун, производителите доставуваат тутун со послаб квалитет, па во наредниот период се очекува просечната цена да се зголеми.
Денес, до мојот кабинет пристигна барање за состанок со иницијативниот одбор на незадоволните производители на тутун од Прилеп. Средбата ќе се одржи утре (вторник) во 12 часот во зградата на Општина Прилеп.
МЗШВ е отворена за комуникација со сите засегнати страни и на транспарентен начин ќе одговориме на секое барање за сите прашања што се во надлежност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Со почит,
Arjanit Hoxha
Министер за земјоделство, шумарство и водостопансво