Холандски рецепт за одгледување на јагоди

Вести Совети

При садењето на јагоди, без разлика дали се работи за производство на отворено или во заштитен простор, најважно е да се обезбеди здрав саден материјал од соодветна категорија. Категоријата на садници на јагоди укажува на бројот на цветни зачетоци и обемот на принос, односно бројот на плодови кој можеме да го очекуваме во првата берба по садењето. Во случај на производство на јагоди на отворено, најреално е да бидат посадени садници од А-категорија, затоа што односот на квалитетот и приносот во првата берба со цената на садниците и цената по килограм јагоди е најреален.

Меѓутоа, ако станува збор за производство на јагоди во стакленици и пластеници во хоризонтален и вертикален систем на одгледување, треба да се користи саден материјал од А+ категорија (холандска ознака). Во тој случај првата берба е добра кога и цената на плодовите е задоволителна. При набавката на саден материјал, многу е едноставно да се утврди за која категорија на садници се работи, со едноставно пребројување на бројот на садници во гајбата.

Во една гајба може да има најмногу 800 броја од Б-категорија, 500 од А и 250 од А+ категорија. Производството на безвирусен саден материјал за јагоди во Холандија од страна на фирмата АПО започнува од почетна билка – СЕЕ која се одгледува во строго контролирани услови, односно во стакленици кои се заштитени со антиинсектни мрежи. Како резултат на ова строго контролирано производство се добиваат садници на јагоди од Екстра Елит категорија – ЕЕ (базни садници).

Следен чекор е добивање елитна категорија – сертифицирана садница, која се добива со умножување на садници од ЕЕ категорија на отворено поле, при што се контролира здравствената состојба и сортноста. Овој вид на умножување се организира исклучително на песочно земјиште кое поради својата структура не го задржува вишокот на влага која може да предизвика појава на болестикако што е Verticillium и Phytophtora fragarie.

Исто така, земјиштето на кое се умножуваат не треба да биде претходно посадено со јагоди или компир, туку со пченица или пченка заради избегнување на опасноста од појава нанематоди. За оваа намена, односно за умножување на јагодите, се користат исклучително садници од Б-категорија, затоа што тие поседуваат најмал генетски потенцијал, со оглед на тоа дека матичниот расад на јагоди не смее да процвета и роди плод, а со тоа ќе даде најголем број нови, здрави и добро формирани садници за производство. Холандската фирма РАПО своите искуства им ги пренесе и на македонските производители на јагоди.

Тие забележаа и одредени проблеми на кои треба да се обрати внимание: воочена е појава на болеста Verticillium, која настанува при производство на саден материјал, големината на садниот материјал и бројот на произведените количества во првата берба не одговараат на категориите на садници кои се набавени, цената по која се набавувани садниците е премногу висока.

Претставниците на РАПО истакнаа дека е потребно здружување на фармерите и заедничко пласирање на производството, како и правење на заеднички нарачки на садниот материјал.

 

„Современо Земјоделство“

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *