Календар на активност за месец јули – Лозарство

Вести Лозарство Совети

Уште на самиот почеток од месецот се почнува со филизење. Се отстрануваат вишокот леторасти во почетокот на нивниот раст. На овој начин се регулира бројот на леторастите, се обезбедува подобар раст и подобро зреење на прачките, се олеснува борбата против различните болести и штетници, се подготвува лозата за наредната резидба и се регулира соодносот помеѓу родните и неродните леторасти. Основни правила при филизењето се: филизењето се врши на реса, за да се разграничат родните  од неродни леторасти, од плодните прачки се отстрануваат вишокот неплодни леторасти, притоа задржувајки се на сооднос 2:1 за родни леторасти.

 

Стискање

Се отстранува врвот на прачката 1-2см или 1-2 неразвиени листови. Ова се врши рано, веднаш откако ќе се појават ресите. Исто така оваа мерка помага хранливите материи да се насочат до ресите.

Кршење

Се отстрануваат зголемените врвови на леторастите заедно со 5-6, најмногу до 8 неразвиени листови.

Лачење

Се отстрануваат целосно или делумно страничните леторасти, кои што потекнуваат од летните очи на главниот летораст.

Сечење на кората на леторастите

Првенствено се примеува кај трпезната сорта Болгар со цел забрзување на созревањето, за зголемување на големината на зрната и за зголемување на квалитетот на грозјето. Сечењето на кората на леторастите се врши малку пред ресата со цел хранливите материи кои што доаѓаат од врвовите на леторастите да не преминуваат кон стеблото, туку да ја хранат ресата односно гроздовите. Овој период убаво е да се изврши плитка обработка на почвата. Исто така се води грижа за новите лози. Потребно е да се внимава и на почвата околу пенушките и доколку е поткопана или оштетена од дождовите треба да се корегира и да се надополни. Кон крајот на месецот почвата околу младите лози се разровкува и се отстрануваат т.н росни корени.
Во текот на овој месец потребно е да се следи и појавата на болести и штетници и да се третираат со соодветни, дозволени фунгициди, инсектициди и акарациди.

 

„Современо Земјоделство“

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *