Кои се чекорите за да произведете органска пиперка за која се добиваат 100% повисоки субвенции и има обезбеден пласман

Вести

Договорното производство на земјоделски култури е најдоброто решение за секој земјоделец бидејќи пред сеидба или садење тој ќе знае на кого точно ќе го продаде производот.

Ова најдобро се потврди со иницијативата за договорно производство на сончоглед кое започна пред 2 години и кое се покажа како успешно.

Во делот на градинарството, договорното производство може уште подобро да функционира бидејќи имаме сериозни преработувачки капацитети кои имаат потреба од домашна суровина конвенционално произведена, а уште повеќе има барање за органски производи во големи количини.

Токму затоа Платформата АГРОТИМ почнува кампања за поголемо информирање и едукација на земјоделците како да произведуваат органски производи.

Основните показатели ги знаме сите, а тоа е низок процент од 3% од вкупното земјоделско произодство кое отпаѓа на органското. Знаеме и за недоволната организираност, слаба информираност и особено влијание на менталитетот на нашиот земјоделец, главно тежок на промени.

Но, најдобро земјоделците може да се убедат и да се натераат да размислуваат за премин од конвенционално кон органско производство е доколку имаат сигурен обезбеден пласман и заработка. Другото е работа на едукација како да се направи тој премин во органско производство и да се заработи повеќе.

Во случајот со градинарските производи наменети за преработувачките капацитети, договорното производство може да одигра клучна улога затоа што примарните ќе бидат охрабрени од заедничкото делување со преработувачите. Имено, за цело време од семе, одгледување до берба, ќе има заедничка активност и следење на производството.

Започнуваме со едукација за производство на ОРГАНСКА ПИПЕРКА ОД СОРТАТА КУРТОВСКА КАПИЈА за која има интерес од преработувачката индустрија.

Што прво треба да знае земјоделскиот производител

Пред да започне со органско производство производителот треба да биде запознаен со Законот за органско поизводство  кој е изготвен според ЕУ регулативи. Секој сериозен земјоделски производител мора да биде детално запознат со условите и критериумите на органското производство, а тоа подразбира читање и едукација на таа тема.

Треба да се знае дека органското производство не претставува производство без ѓубрење и без третирање туку третирање со посебни препарати дозволени во органското производство.

Правила за премин од редовно во органско земјоделско производство (преоден период) се дадени во Член 36

Откако земјоделецот ќе ја одреди површината на која планира да произведува органска пиперка (или друга култура) треба да се склучи договор со една од двете сертификациски тела кај нас ПРО ЦЕРТ и „БАЛКАН БИОСЕРТ“ и да побара сертифицирање на таа површина. (Државата дава субвенции од 50% за сертификат)

После поднесувањето на барање инспекторите од сертификациското тело излегуваат на терен и даваат одобрение и мислење дали таа површина исполнува услови за органско производство.

Понатаму следи избор на семенски материјал

Кога се работи за одгледување на едногодишни култури и доколку површината веке добила сертификат за органско производство, треба да се внимава при изборот на семенски материјал. Семето кое се употребува мора да поседува сертификат за органско или доказ за нетретирано семе.

Понатаму следуваат сите стандардни операции како и во конвенционалното производство околу производството на расад,  но со напомена дека треба да се користат ѓубрива и прихрана дозволени во органско производство. Листата на овие средства ја имаат сертификациските тела.

Важно е да се знае дека употребата на хербициди  е строго забранета во органското производство.

Високи субвенции од 72 000 денари за хектар органска пиперка и други бенефиции од државата

Нашите земјоделци имаат поволни почвено – климатски услови за органско производство, а како поволност се и високите субвенции за ова производство.

Конкретно доколку се одлучите да произведувате органска пиперка од сортата куртовска капија тогаш имате 60 000 денари од хектар ( за 100% повисоки субвенции од конвенционалното производство кое изнесува 30 000 денари од ха).

Доколку површината ви е од 1 до 5 хектари тогаш имате 72 000 денари од хектар.

Ова зголемување е со цел да се зголемуваат површините кај малите земјоделски стопанства.

На оваа сума од 72 000 денари за хектар со органска пиперка куртовска капија, има и дополнителни субвенции од 6 денари (100% повеќе од конвенционално произведени) за предадени во преработувачки капацитет.

Пример ако предаде 5 000 килограми од хектар ќе добие плус 30 000 денари. Или заедно со субвенциите по површина вкупно 102 000 денари или 1 700 евра.

Државна поддршка има и за преработувачот доколку е регистриран за органско производство. За преработка на органски производи и органски производи во преод, поддршка до 10% од произведените до максимум од 150 000 денари по оператор.

Исто така земјоделскиот производител има субвенции од 50% има и за добивање на сертификат за органски производ.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *