ФАО: ЛEНДНЕТ работилница во Талин, за правилни чекори за консолидација на земјиштето во врска со големи инфраструктурни проекти како Балтичката железница

Вести

Балтичката Железница, најголемиот инфраструктурен проект во овој век во Балтичкиот регион, предвидува интеграција на Балтичките држави во Европскиот систем на железници. Изградбата е предвидено да започне во 2019. Со минувањето низ обработливи земјоделски површини, проектот може да ги загрози земјоделските стопанства, а во опасност е и пазарно-ориентираното земјоделство во Балтичките земји.

Во организација на ФАО и Естонскиот Универзитет за природни науки во Естонија, од 27-29 Ноември во Талин се оддржува меѓународната ЛEНДНЕТ работилница, каде учествуваат повеќе од 125 експерти, државни службеници и претставници на граѓанското општество и образовни институции од 30 европски земји, меѓу кои и Македонија. Тие дебатираат за правилни чекори за консолидација на земјиштето во врска со оваа ситуација. Работилницата е ко-финансирана од Германската Корпорација за Меѓународна Соработка (GIZ) и Естонскиот центар за источно партнерство.

 

Конференцијата во Талин е продолжение на работилницата ЛEНДНЕТ, која се одржа ова лето во Скопје, каде експертите идентификуваа најдобри регионални практики и развија општи насоки за формулирање на легислатива за консолидација на земјиште.

 

“На оваа ЛEНДНЕТ работилница, имаме за цел да создадеме стратегија за имплементација на консолидација на земјиште во врска со големи инфраструктурни проекти, како што е Балтичката железница”, изјави Мортен Хартвигсен, ФАО експерт за земјишна политика.

 

По завршувањето, мега проектот Балтичка железница ќе минува низ делови од најмалку 5 земји во Европската Унија – Естонија, Латвија, Литванија, Полска и Финска.

 

“При градење на новите железнички и сообраќајни линии се минува низ фарми и земјоделски површини, што резултира со намалување и поделба на земјишните парцели“ изјави Хартвигсен. „Така, доколку не постојат воспоставени мерки за консолидација на земјиште, фармите и земјоделските структури ќе бидат сериозно оштетени.“

Консолидацијата на земјиште нуди успешно решение за земјоделците и за владите. На земјоделците им се надоместува со ново земјоделско земјиште, наместо со пари, а тие можат да ги спојат нивните расцепкани парцели, како придобивка од консолидационата практика што придонесува за помал број на парцели. Така, штетите од инфраструктурниот проект се намалени, а парцелите се подобро распоредени, што нуди можност за примена на подобри земјоделски техники. Придобивките за заедницата се поконкурентно земјоделство, зголемена сообраќајна безбедност и намалени емисии на стакленички гасови од земјоделското производство.

“Како по правило, проектите за консолидација на земјиште доведуваат до подобрена сопственичка структура, која го потпомага одржливиот долгорочен рурален развој“, вели Хартвигсен. „За да се постигне ова, на земјоделците им се понудени потребните практични решенија за проблемите со кои се соочени.“

 

Консолидацијата на земјиште има долга традиција во Европа. Во многу западно-европски земји, се применува при изградбата на големи инфраструктурни објекти. Во Централна и Источна Европа, ФАО во последниве 15 години го водеше воведувањето на инструменти за консолидација на земјиште и даваше поддршка за земјите членки во создавањето на оперативни национални програми за консолидација на земјиште. Со воведувањето на консолидацијата на земјиште, фокусот беше врз земјоделскиот развој. Сепак, високо препорачливо е инструментот да се користи и во врска со големите инфраструктурни проекти иницирани од јавноста, обновување и зачувување на животната средина, адаптација кон и намалување на последиците од климатските промени, како и други области.

 

Другите теми на оваа работилница вклучуваат и демонстрирање на различни дигитални алатки поврзани со консолидацијата на земјиште и земјишната политика, дискусија за заедничките интереси на меѓународната мрежа за земјишна политика и напредокот во континуираниот развој на ЛАНДНЕТ. На последната сесија, учесниците ќе изберат нов Одбор на ЛАНДНЕТ за периодот 2019-2020.

 

ФАО работи на многу поврзани активности во регионите на Европа и Централна Азија. Консолидацијата на земјиште е дел од Регионалната иницијатива за зајакнување на малите земјоделски стопанства и подобрување на животниот стандард во руралните заедници.

 

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *