Летна ампелотехника

Вести Лозарство Совети

Летната ампелотехника, или резидбата на зелено, се врши во текот на вегетацијата. Таа ги опфаќа мерките за уредување на ластарите, уредување на грозјето и примената на биорегулаторите кои влијаат на порастот и созревањето на органите на виновата лоза. Летната ампелотехника е многу значаен дел од технологијата за одгледување на виновата лоза. Целта е да се извршат корекции на резидбата на зрело, со димензионирање на односот помеѓу лисната маса и гроздовите, како и уредување и димензионирање на гроздот. Овие мерки имаат директно и многу значајно влијание на квалитетот на грозјето. Со примената на мерките се постигнува финално утврдување на приносот и квалитетот на грозјето.

Лачење

Оваа мерка се изведува во текот на мај, кога должината на ластарите изнесува 15-35 степени. Се отстрануваат зелените ластари кои не се потребни во текот на вегетацијата, но главно се отстрануваат ластарите кои директно потеруваат од многугодишните делови на лозата односно јаловаците.

Поткршување на главните ластари – основна цел е отстранување на врвот на зелените ластари кои трошат големо количество на хранливи материи за својот пораст и развој и со тоа претставуваат конкуренција за хранливи материи на цветовите односно грозјето. Се врши во јуни и јули, односно во оној момент кога на зелениот ластар ќе се развијат 16-17 листови. Претставува редовна ампеломерка со која се отстранува врвот на зелениот ластар со млади листови кои се голем потрошувач на храна. Храната создадена во листовите сега се насочува кон гроздовите и ластарите. Со отстранување на врвовите на зелените ластари се овозможува подобар проток на механизацијата во редот, подобра осветленост и проветреност, со што се подобрува фотосинтезата и се спречува развојот на болестите.

Поткршување на филизите

Појавата на филизите на главниот ластар е сортна карактеристика, но тие се појавуваат и под определени услови. На нивната појава најмногу влијае премногу кратката резидба на зрело, пинсирањето или оштетувањето на врвот на зелениот ластар и хоризонталната положба на зелениот ластар.

Филизите (заперците) користат големо количество хранливи материи за својот пораст, го згуснуваат просторот на главните ластари и со тоа ја намалуваат осветленоста и проветреноста во зоната на гроздот. Меѓутоа нивните листови кон крајот на август и септември имаат поголема фотосинтетска активност од главните ластари. Затоа се препорачува поткршување на филизите со оставање на 2-4 листа. Оваа мерка се врши истовремено со врзувањето и поткршувањето на главните ластари, односно во јули, до почетокот на август. Отстранувањето или прекратувањето на филизите е мерка со која се влијае на шеќерноста на сортата.

Дефолијација (отстранување на долните листови)

Се отстрануваат неколку листови во зоната на гроздот. Најчесто се отстрануваат првите листови до гроздот, додека листот кој е на истото коленце со гроздот се остава. Во фазата на зреење имаме подобра осветленост и проветреност со што грозјето подобро се обојува и се спречува развојот на ботритисот и фомопсисот. Со дефолијацијата се олеснува заштитата на лозата бидејќи капките од препаратите непречено се аплицираат на гроздот. Оваа мерка се применува во северните реони за производство на винско грозје во услови на голема влага. Во овој случај со отстранување на листовите во зоната на гроздот се создаваат услови за побрзо сушење на ластарите и гроздот. Во јужните реони е редовна мерка во производството на трпезно грозје на одрина и на шпалир. Кај трпезното грозје се постигнува и поголема прегледност во фазата на берба. Работникот има увид и ги бере гроздовите кои одговараат на стандардите на квалитет.

Сепак оваа мерка мора внимателно да се спроведе имајќи го предвид моментот на дефолијација и староста на листовите. За одредени сорти е штетно да се врши дефолијација бидејќи се чувствителни на директна сончева светлина и кај нив е можна појава на ‘рѓести точки кои го намалуваат квалитетот на грозјето. Дефолијацијата е штетна за белите вински сорти кај кои е можна појава на посилно обојување на зрното, повеќе феноли. Со дефолијација се подобрува осветленоста на гроздот, се зголемува температурата во зоната на гроздот, тој побрзо созрева и се засушува. Засушувањето на гроздот доведува до зголемено количество на шеќери и фенолни материи и намалено количество на киселини и ароматични материи, појава која е непожелна за производство на бели вина.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *