Македонија е зафатена од топол бран со температури над 40 степени

Вести

Под влијание на топла воздушна маса од југ, од денеска и во следните денови времето ќе биде многу топло со натпросечни температури за овој период од годината.

Во следните денови во повеќе места температурите ќе бидат над 35 степени. Најтопло ќе биде в четврток и в петок кога температурата на места ќе го надмине и 40-тиот степен и ќе биде активирано портокалово, а во некои делови и црвено ниво на опасност од високи температури.

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени. УВ индексот ќе изнесува 9. Во Скопје, слично време, сончево и многу топло со мала облачност и со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.

Во насока на справување со најавените високи температури, Црвениот крст во соработка со Град Скопје од денеска ќе почне со теренски активности. Мобилните екипи составени од волонтери од тимот за одговор при катастрофи од петте општински организации во Скопје ќе патролираат низ градот и ќе дистрибуираат вода и информативни летоци наменети за граѓаните.

Од Црвен крст соопштија дека ќе бидат ангажирани 16 волонтери распоредени во четири тима со четири возила. Почнувајќи од денеска, се до 25 јуни мобилните тимови имаат предвидено дистрибуција на 800 шишиња или 400 литри на дневна основа.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *