Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски имаше средба со Н.Е. Џанг Ѕуо, новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина во Северна Македонија.
Земјоделството е многу важна стопанска гранка во НР Кина и игра значајна улога во социјалната сигурност на руралното население.
Амбасадорот изрази убедување дека развојот на трговските и економските односи ќе продолжи поинтензивно, особено во рамки на Процесот за соработка „17+1“, а потенцираше дека е важно да се олесни пристапот до пазарот за неколку македонски производи како виното, оризот и тутунот, за кои постои потенцијал и интерес за соработка од кинеската страна.
Голем интерес постои и за медицински и лековити растенија за кои постојат многу добри услови за одгледување во нашата земја.
Од 15 до 18 ноември 2019 година, ќе се реализира посета на претставници од Кинеската администрација во областа на царината, извозот и увозот, односно трговијата со земјоделски производи од растително и животинско потекло, за подетално запознавање со царинските, фитосанитарните и ветеринарните процедури, а со крајна цел олеснување и унапредување на трговијата.