Над 9,4 милијарди денари во секторот земјоделство за 2020 година

Вести

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска го презентираше буџетот за 2020 година за секторот земјоделство, кој подразбира неколку институции кои имаат посебни буџети, но сите имаат подеднакво важен придонес во развојот на земјоделството. Конкретно, тоа се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Платежната Агенција, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство, Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Управата за хидрометеоролошки работи.

Вкупните основни предлог буџети на сите седум институции за следната 2020-та година се во износ од над 9,4 милијарди денари. Сите основни буџети на овие институции се планирани така да можат да обезбедат сервисирање на тековните потреби  на секторот земјоделство, пред се навремена исплата на субвенциите и другите финансиски поддршки, реализација на крупните капитални инвестиции во водостопанството, руралниот развој, кофинансирањето за европските фондови и друго. Димковски посочи дека најголем дел, односно над 7,4 милијарди денари, се алоцирани во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, над една милијарда денари припаѓаат на МЗШВ, 630 милиони денари е буџетот на Агенцијата за храна и ветеринарство и останатите средства за другите институции од секторот земјоделство.

 

„Планираната вкупна финансиска поддршка за секторот земјоделство за следната година е над 7,3 милијарди денари, пари кои директно ќе се вложат во развој, модернизирање и приближување на македонското кон европското земјоделство. За следната година, над 6,5 милијарди денари се планирани за навремена исплата на субвенциите за мерките од растителното и сточарското производство во Програмата за директни плаќања. Оваа Програма, која секторите веќе ја подготвуваат, ќе содржи нови и изменети мерки, кои ќе придонесат за одржливо и рентабилно земјоделско производство. 800 милиони денари се планирани за мерките од оваа Програма, коишто овозможуваат покривање на трошоците за капитални инвестиции во преработувачки капацитети, поддршка за руралната инфраструктура, изградба на пристапни патишта до земјоделско земјиште, промоција на македонските земјоделски производи, инвестиции во подигање повеќегодишни овошни и лозови насади, набавка на приплодни грла. Ваквите инвестиции ќе овозможат земјоделците да остварат поголеми приходи“, изјави Димковски.

 

При тоа Димковски потенцираше дека посебен акцент следната година преку Програмата за рурален развој ќе се стави на поддршката за младите земјоделци и жените да се занимаваат со земјоделство.

 

„Со последните измени на Законот за земјоделство и рурален развој, освен постоечката мерка за започнување на земјоделска дејност наменета за младите земјоделци во износ од 10.000 евра, воведуваме уште една мерка за вршење земјоделска дејност за лица до 40 години, за која финансиската поддршка е 20.000 евра. Младите се нашата иднина. Преку овие мерки инвестираме во младите земјоделци, создаваме услови да се занимаваат со земјоделство, да останат во својот роден крај. Мерката за Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство овозможува финансиска поддршка во износ од неповратни 180 илјади денари. Вложувањето средства во земјоделците значи вложување во развојот на државата“, изјави Димковски.

 

Следната година за инвестиции во водостопанската инфраструктура се планирани 830 милиони денари. Според утврдената динамика продолжува изградбата на системот за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза, на хидросистемите Злетовица, Лисиче, Равен – Речица, како и на браните Конско и Речани. Дополнително, планирана е и надграда на каналите за наводнување и одводнување во рамки на Подружниците на АД Водостопанство. Во делот на заштита на шумскиот фонд и одржливо управување со шумите  следната година, за Програмата за проширена репродукција се планирани 18 милиони денари или 1 милион денари повеќе од годинава. Овие пари  ќе се користат за пошумување на голини и ерозивни земјишта во државна и приватна сопственост, спроведување на одгледувачки мерки за подобрување на квалитетот и структурата на шумите, како и превентивна заштита на шумите од болести и штетници.

 

За Заштита на растенија, семе и саден материјал, или 73,5 милиони денари или 24,3 милиони денари повеќе од годинава. Од оваа сума, 27 милиони денари се за Фитосанитарната програма, односно 20 милиони денари повеќе од годинава. Сумата ќе се искористи за зголемување на фитосанитарниот мониторинг, што крајно ќе значи обезбедување на висок квалитет и безбедност на примарните земјоделски производи и заштита на здравјето на потрошувачите, а воедно и поголем извоз на европските пазари.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *