Не ги палете стрништата – Град Скопје бесплатно ги подига остатоците од бербата

Вести

Градот Скопје и годинава ќе организира бесплатно собирање на остатоците од берба за да се спречи палењето на стрништата, а со тоа да се заштити воздухот од загадување. И годинава кампањата ќе излезе од административните граници на Скопје и ќе го опфати целиот Скопски плански регион, зашто сите жители на котлината го дишат истиот воздух.

–       Минатата година оваа кампања за првпат беше организирана од Град Скопје со поддршка од УНДП и МДЦ-Ти.нет и со гордост можам да кажам дека постигнавме одлични резултати. Тоа не охрабри кампањата да ја повториме и оваа година и да ја прошириме на повеќе нивоа. Во текот на 2019 година бесплатно подигање на отпадот од бербата од Град Скопје побараа над 120 жители на Скопје, при што беа подигнати, а со тоа беше спречено палењето на околу 700 кубни метри органски отпад. Покрај бесплатното подигање на органскиот отпад, како дополнителна мотивација нудиме можност секој што ќе ја искористи оваа поволност, во сезоната на садење да добие околу 30 килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми отпад – рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.

 

Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа која спроведува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, за да се намали загаденоста на воздухот, да се зачува плодноста на почвата, но и да се спречи ширењето на евентуални пожари кои неретко предизвикуваат материјални штети, а понекогаш загрозуваат и човечки животи.

 

–       Како што најавивме лани, и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство годинава се вклучи во делот на планирањето на периодите кога се врши бербата на различните земјоделски култури, за што сме особено благодарни како институција. Во таа насока овој месец беше одбран како најповолен за пролетен старт на оваа кампања. Сакам да упатам благодарност и до Халк Банка која годинава се вклучи со поддршка на промотивните активности на оваа кампања. Халк Банка како општествено одговорна компанија и во минатото, во повеќе наврати, поддржувала различни проекти за унапредување на животната средина во Скопје. Им благодарам и на вработените во јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“ кои вложија голем дел од својот човечки и технички потенцијал во реализацијата на оваа кампања. Упатувам голема благодарност и до жителите на Скопје кои покажаа висок степен на свест во однос на штетноста на оваа појава и ја искористија можноста да добијат бесплатно подигање на отпадот од бербата – нагласи Шилегов.

 

Тој изрази уверување дека оваа година кампањата ќе наиде на уште поголем одѕив кај граѓаните и на тој начин во голем дел ќе се намали аерозагадувањето и ќе се спречи ширењето на пожарите. Само со заеднички сили, додаде тој, можеме да успееме во борбата за чиста и здрава животна средина во нашиот град, а ова е една од оние кампањи кои најдобро го докажуваат тоа.

 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, пак, ги повика и преостанатите општини да се приклучат на ваквата иницијатива.

 

–       Ние, како Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство постојано сме на терен, во директна комуникација со земјоделците и ја користиме секоја прилика да им укажеме на штетноста од палењето стрништа со цел да ја подигнеме свеста за заштита на животната средина. Упатувам апел до земјоделците од целата држава да не ги палат стрништата и сувите остатоци по дворовите, за да се даде максимален национален придонес кон намалување на загаденоста на воздухот и заканите од пожари. Земјоделците од скопскиот плански регион, ги повикувам да продолжат да се јавуваат во Градот Скопје за бесплатно собирање на стрништата – рече Димковски.

Поддржувачот на годинешната кампања против палењето стрништа Халк Банка е екоориентирана компанија која низ годините применува и поддржува многубројни екополитики и проекти. Халк Банка ја дава својата поддршка кон проактивноста на институциите за реализација на активности кои имаат за цел подобрување на квалитетот на воздухот и квалитетот  на  животната средина. Како резултат на ориентираноста кон еколошките проблеми, Халк Банка неодамна лансираше и  мобилна апликација ХалкЕко, со која банката директно придонесува за почиста животна околина, а и влијае на формирање здрави навики и на подигање на екосвеста како индивидуална одговорност за животната средина. Благодарение на ХалкЕко и нејзините корисници, банката има засадено над 6.000 дрвја во државава и забележува намалување на CO2 за 23.370 килограми.

 

–       Оваа година ја прошируваме програмата за да има влијание на поголема површина од градот и на поголем број луѓе. Овој проект годинава ќе опфати и компостирање на собраниот материјал во објект во сопственост на Градот Скопје. Компостирањето на остатоците од берба има повеќе придобивки за животната средина, за самото земјоделско производство и за спречување на загадувањето. Една значителна придобивка годинава ќе биде поврзана со квалитетот на воздухот во околината на Скопје. Со намалување на палењето на остатоците од берба, квалитетот на воздухот ќе продолжи да се подобрува, особено во периодот од годината кога палењето беше честа појава – рече денеска д-р Џефри Ли, од невладината организација МДЦ-Ти.нет.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *