Од 50.000 до 80.000 евра за развој и поддршка на земјоделски задруги

Вести

Македонската развојна фондација за претпријатија и претставници на CARE Германија-Луксембург започнаа со информативни средби со  земјоделци, земјоделски стопанства и земјоделски задруги во државата.  Целта е да се претстават предностите од здружувањето во задруги како и можностите за аплицирање за техничка и финансиска поддршка за формирање и за развој на земјоделски задруги во Македонија.

Денеска во Битола, се одржа третата по ред информативна сесија за претставници од пелагонискиот регион.

Предавачите на сесијата, Драган Перич и Мирослав Ковач, како успешен пример ја претставија земјоделската задруга Златна долина од Славонија, Хрватска. Станува збор за здружување на 13 селани уште во 2001 година, со заедничка ветеринарна амбуланта, млекарница и продажен простор што освен за нивните потреби се користи и од други земјоделци.

„Задругите се сериозен предизвик на македонското општество, бидејќи кај нас доминантен е индивидуализмот. Секој сака да биде сам свој газда. Тоа создава проблеми не само на земјоделците  туку и на самото  општество бидејќи најголем дел од македонските земјоделци се со просечно мали површини и приноси така што единствениот начин да се борат во современиот процес на глобализација , каде големите ги диктираат правилата на игра на пазарите е малите да се здружуваат“, изјави Лазар Недановски, претставник на Македонската развојна фондација за претпријатија, за Современо Земјоделство.

Средбите  се  дел од проектот „Поддршка за развој на земјоделските задруги“. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија.

Целта на проектот е да се постигне подобрување на законската регулатива за земјоделски задруги, да се промовира концептот на здружување за што е предвидена финансиска подршка од 1 милион евра.

30 постоечки земјоделски задруги и 30 групи земјоделци кои сакаат да формираат нови земјоделски задруги ќе учествуваат во проектните инфо сесии и обуките за развој на бизнис – планови.

20 земјоделски задруги (8 постоечки и 12 новорегистрирани) ќе добијат проектни грантови, вклучително обуки и менторство.

Финансиската поддршка е од околу 50.000 до 80.000 евра по задруга.

Досега вакви информативни сесии се одржаа во Тетово и Гостивар, а денес од 16 часот, ќе се одржи и во Прилеп.

Предвидено е да се одржат 20 вакви средби низ целата држава.

 

 

М-р Билјана Петровиќ за Современо Земјоделство

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *