Охрид, Струга и Поградец ќе се поврзуваат со редовна бродска линија

Вести

Охрид, Струга и Поградец ќе се поврзат со редовна бродска линија низ Охридското Езеро во рамки на програмата за прекугранична соработка на Македонија и Албанија 2014-2020 година, преку Инструментот за претпристапна помош ИПА 2.

Проектот „Охридско Езеро – премостување на две земји во една дестинација“ го најави денеска Општина Струга, а целта, како што истакна градоначалникот Рамиз Мерко, е поврзување на двете земји преку Охридското Езеро, развој на туризмот и зачувување на културното наследство во пограничните градови.

– Граѓаните од двете земји и туристите, преку редовни бродски линии на два гранични премини ќе имаат можност да посетат неколку туристички дестинации, кои се темели на културното наследство во овие две прекуграничните области – истакна Мерко.

За реализација на проектот, нагласи, најпрво треба да се овозможи соодветна инфраструктура, а ќе се запази и еколошкиот аспект, односно предвидено е да се набават бродови што ќе работат на соларна енергија.

– Езерскиот транспорт, но и туризмот мора да имаат зелена перспектива и да се ориентираат кон алтернативните извори на енергија, оттука сметавме дека набавката на два брода, кои ќе работат на соларна енергија ќе даде директен придонес за подигнување на јавната свест за зачувување на животната средина и промоција на туристичката понуда во овие области – рече Мерко.

Проектот, како што посочи Општина Струга, ќе биде поддржан од страна на Европката комисија со два милиони евра.

Со ваков предлог изминатите години излегуваше и Асоцијацијата на хотелиери на Македонија, кои бараа поврзување на трите погранични градови со редовни бродски линии, со кои ќе се запази еколошкиот аспект и ќе овозможи поголема туристичка понуда.

Извор: MИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *