Повисок долен праг, како услов за субвенционирање – нема веќе субвенции за две крави и за мала нива

Вести

Повисок долен праг, како услов за субвенционирање во сточарството, полјоделството, градинарството, лозарството и пчеларството предвидува Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2026 година во износ од 6.061.345.000 денари, или 98,5 милиони евра. Програмата ја претстави министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, кој потенцираше дека заострените услови се со цел парите да отидат кај вистинските земјоделсци кои имаат комерцијално производство и создаваат додадена вредност. Во таа насока, рече министерот, е новиот услов – најмалку 30 отсто од произведеното да се предаде во откупен центар, или кај преработувачи.

Министерот посочи дека со една или две крави веќе нема да може да се добијат субвенции, туку дека долната граница ќе биде три грла.

-Ако имате една крава дома, си произведувате за сопствени потреби, не учествувате на пазарот и не создавате додадена вредност. Статистички имаме раст во бројот на грла, а пад на производтво на млеко – рече министерот.

Во однос на козарството, тој рече дека досега биле прифатливи 10 грла, а сега се потребни 30 за да се добие субвенција. Во делот за пчелните семејства пак, место 10, сега минимум се оди со 30.

Кај лозарството најмала површина може да биде 0,5 хектари, поголема површина треба и за полјоделските и за градинарските култури. Исто така, според новата Програма нема да се субвенционира насад на пченица ако не се користи сертифициран семенски материјал.

-Се сметаме за земјоделска земја со сите предуслови – почва, вода, сонце, а можеби поради немање храброст за реформи, се дават субвенции, а опаѓа производството – рече министерот.

Тој посочи дека од 2007 година кога почнало субвенционирањето заклучно со исплатите од 2025 година за субвенции се дале преку 1,7 милијарди евра.

 Крави немало, ама имало ќеса со маркици за уши, па земале субвенциии

Според министерот, има околу 65.000 корисници на субвенции. Со подигнување на прагот за користење на субвенции, тој очекува мало намалување на корисниците, но поголемо намалување очекува со засилените контроли.

Тој посочи дека буквално постојат „ловци на субвенции“, кои без да имаат вистинско производство се корисници на субвенции.

-Не може да се проверат сите над 60.000 апликации. Платежната агенција има и сателитско следење. Во однос на субвенционирањето на сточниот фонд има сериозни индиции за злоупотреби. Еве народски да кажам, во некоја штала можеби нема добиток, ама има кеса со маркици за уши и врз основа на тоа се добива субвенција. Затоа, многу се важни теренските контроли – вели Трипуновски.

Трипуновки објасни дека прво се плаќаат контроли, па потоа исплатите. Но, тој призна дека контролираниот примерок бил многу мал. Ако некој се обидел да изврши злоупотреба, нема да има исплата, но и ќе има забрана за користење субвенции  наредните три години.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *