Преку земјоделско здружување до поголемо и поквалитетно производство на млеко

Вести

Во организација на Републичкото синдикално здружување за земјоделски спас од битолското село Логоварди, во Битола се одржа манифестацијата „Одбележување на денови на млекото и кооперативното здружување“. Целта е да се потенцира важноста од потребата за здружување на млекопроизводителите за да се обезбеди поквалитетно млеко, но и да се достигне бараната откупна цена.

-Ова е прв пат во пелагонискиот регион да се здружат млекопроизводителите во задруги, на тој начин може да се зголеми производството, а со здружување ќе биде достижна и цената. Моментално во пелагонискиот регион не е многу добра состојбата и затоа заедно со Министерството за земјоделие ќе се обидеме да им помогнеме на млекопроизводителите. Во пелагонискиот регион нема здружување, нема многу луѓе кои одгледуваат стока, а тоа што го има е важно да се зачува. Причината за тоа моментално е цената и затоа почнуваме да правиме кампања за здружување, да побараме подобра цена за да има поголем квалитет, истакна Владо Бабаџовски, претседател на Здружението „Земјоделски спас“.

Министерот за земјоделство, Трајан Димковски истакна дека манифестацијата во Битола е една од 40-те локални манифестации кои што се поддржани од министерството со цел промоција на домашни, традиционални производи, но и можноста да се поразговара со бизнис заедницата со млекопроизводителите.

-Ги промовиравме новите мерки кои оваа година се воведоа за прв пат и доделување на финансиската поддршка од Националната програма за рурален развој се со цел подобрување на генетскиот потенцијал во државата, но исто така и зголемени приноси на самите земјоделци, но исто така и квалитетот. Знаеме дека сточарството е главен сегмент за развој на агросекторот и затоа посветуваме едно поголемо внимание каде со подобрување на условите би овозможиле на сточарите и на млекарниците да бидат поконкурентни на пазарот. Да се продолжи задругарството е клучно за малите сточари, но и други земјоделци со помал обем на земјоделство, истакна министерот за земјоделство, Трајан Димковски.

На манифестацијата присуствуваше и градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, која ја потенцираше важноста од здружувањето на млекопроизводителите.

-Она што е многу важно кога се работи е здружувањето, заедништвото, а токму ова денес е поттик за такво нешто. Секогаш заедно, здружено, можеме повеќе. Го поздравувам овој настан, како почеток на нешто што треба да премине во традиција, посочи Петровска.

Министерот Димковски одговарајќи на новинарско прашање, посочи дека жетвата на пченицата е веќе започната, а според информациите, откупната цена се движи повеќе од 10 денари.

-На цената од нива се додаваат и транспортните трошоци и данокот. Се покажа дека е подобра цената од минатата година. Сепак зависи од квалитетот и договорните услови и видот на производството. Оние земјоделци со поголеми количини се во подобри позиции да преговараат за повисока цена, додека кај малите земјоделци бидејќи имаат проблем со складирањето, затоа се принудени од самата нива да ја продадат. Во исто време правиме план преку Агенцијата за стокови резерви да се влезе во набавка на домашна пченица, приносите се просечни и надпросечни во зависност на регионот, но зависи и од агротехничките мерки кои ги преземаат земјоделците. Кога зборуваме за вакви мерки мора внимателно да пристапиме, да внимаваме да не создадеме состојба каде што сите ќе гледаат можност да заработат повеќе од државата отколку што е на пазарот. Ги следиме будно цените на пазарот и движењата на цените. Минатата година 3-4 пати интервениравме во зависност од културата, досега немаше потреба да се интервенира за таква мерка. Клучно е дека земјоделците произведуваат за пазар, а не да добијат субвенции, потенцираше министерот Димковски.

Исто така беше истакнато од страна на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никола Бабовски е дека до крајот на месец јули земјоделците ќе можат да ја користат мерката „Зелена нафта“.

-Ние како Агенција распишавме тендер, тендерот успешно е завршен, избран е економскиот оператор. Во текот на наредната недела ќе биде потпишан договорот со економскиот оператор и до крајот на овој месец земјоделците ќе ги добијат првите картички за користење на „Зелена нафта“, изјави Никола Бабовски, директор на АФПЗР.

Со оваа мерка со која се покриваат 30% од трошоците за набавка на гориво за земјоделската механизација се опфатени 55.000 земјоделци, а буџетот е 200 милиони денари.

Маја Богоевска за „Современо Земјоделство“

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *